Во неделата на 26 октомври 2025 година, свечено беше прославен празникот светиот великомаченик Димитриј Мироточиви, заштитникот на Солун. Во храмот посветен на овој светител, каде што се наоѓаат неговите мироточиви мошти, и кој е подигнат на местото на неговата маченичка смрт, беше отстлужена Божествена Литугрија.
Неговото Високопреосвештенство, митрополитот на Верија, Науса и Камбанија, г. Пантелејмон, началствуваше на богослужбата и проповедаше. Нему му сослужуваа архијерите од Црквата на Грција, Високопреосвештените митрополити: Ксантиски г. Пантелејмон, Сервиски г. Павле, Јерисоски г. Теоклит, Маронеијски г. Пантелејмон, Гребенски г. Давид, Трикалски г. Хризостом, Филипонски г. Стефан, Егијалиски г. Јероним, Костурски г. Калиник, Драмски г. Доротеј, како и нивните Преосвештенства епископите Аморијски г. Никифор, Ригијски г. Иринеј, Танагрски г. Апостол, Христуполски г. Варнава, Доменикски г. Атинагора, Епидавроски г. Никодим и Талантски г. Теолог и Високопреосвештениот митрополит Солунски г. Филотеј, кој началствуваше на свечената доксологија по повод 113-годишнината од ослободувањето на Солун, во присуство на Претседателот на Републиката г. Константинос Тасулас, Претседателот на Кипар, како и претставници на политичките и воените власти на градот.
Во својата беседа, помеѓу останатото, Митрополитот Пантелејмон истакна:
Светиот великомаченик Димитриј е и „голема река Господова“, која ја напојува не само оваа црква и овој град, туку и целата земја под небото со излевањето на своето благоухано миро, потврдувајќи го словото на Господ: „Кој верува во Мене, од неговата внатрешност ќе потечат реки од жива вода.“
Тоа „живо и мирисно“ миро, што чудесно тече од неговите свети мошти, го почувствувавме пред 38 години, во ноќите на неговиот празник, кога видовме и со сопствени раце го допревме мирото што течеше не само од светата рака и моштите, туку и од иконите, столбовите и ѕидовите на храмот, исполнувајќи го целиот простор со небесен мирис.
Овој голем чувар на нашиот Солун, кој како река Господова радосно го напојува својот град, денес го славиме сите – свештенство и народ, управители и управувани, Солуњани и поклоници од сите краишта на светот, изразувајќи му на свети Димитриј нашата длабока благодарност, бидејќи со своите молитви и со својата видлива помош го ослободи нашиот град пред 113 години, за денес слободно да можеме да ги целиваме неговите чудотворни и мироточиви мошти.
Во свет каде војните и гласините за војни во нашиот регион постојано предизвикуваат загриженост, во свет каде што вооружувањето и натпреварот за превласт стануваат секојдневие, а егоизмот, лакомоста, брзото збогатување и падот на моралните вредности ја сушат душата на човештвото, повеќе од кога било ни е потребен големиот чувар и големата река – светиот великомаченик и мироточиви Димитриј.
Да не заборавиме дека тој ни ја нуди својата заштита и своето миро со голема љубов, бесплатно. Доволно е да му пристапуваме со вера и почит, да ја бараме неговата помош и да ја повторуваме молитвата на неговиот ученик, свети Нестор: „Боже на Димитриј, помогни ми!“




































