Празникот на свети Сергиј Радонешки прославен во Троице-Сергиевата Лавра

На 8 октомври 2024 година, на денот на упокојувањето на преподобниот Сергиј, игумен Радонешки, Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил отслужи Божествена литургија во Успенскиот собор на Свето-Троицката Сергиева лавра.

На Неговата Светост му сослужуваа: Митрополитот Мински и Заславски Венијамин – Патријаршиски егзарх на цела Белорусија, Митрополитот Воскресенски Григориј – управител на работите на Московската Патријаршија, Митрополитот Наро-Томински Никандар – претседател на Финансиско-стопанската управа на Московската Патријаршија, Митрополитот Симферополски и Кримски Тихон, претседател на Патријаршискиот совет за култура, Епископот Сергиево-Посадски и Дмитровски Кирил – намесник на Троице-Сергиевата лавра и ректор на Московската духовна академија и уште голем број архијереи на Руската православна црква.

Меѓу сослужителите на Патријархот беа и претставници на помесните православни цркви: Епископот Ремезијански Стефан – претставник на Српскиот Патријарх при Патријархот московски и архимандритот Теоктист (Димитров) – претставник на Бугарскиот Патријарх при Патријархот московски.

Во службата молитвено учествуваа архијереи, игумани и игумании, свештенослужители, монаси и поклоници, пристигнати на прославата во Троице-Сергиевата лавра, како и видни личности од руското општество.

Во етерот на телевизиските канали „Сојуз“ и „Спас“, како и на официјалната веб-страница на Руската православна црква се одвиваше директен пренос на богослужбата.

По завршувањето на Литургијата, Неговата Светост Патријархот Кирил отслужи молебен пред почитуваната икона на преподобниот Сергиј Радонешки во Успенскиот собор.

Епископот Сергиево-Посадски и Дмитровски Кирил го поздрави Светиот Владика и му подари на Неговата Светост ковчег со честички од светите мошти на преподобниот Сергиј Радонешки, на свети Инокентиј Московски – просветител на Сибир и Аљаска, на преподобниот Максим Грк и на преподобниот Антониј Радонежски.

Поглаварот на Руската Црква им се обрати на верниците со Архијерејско слово.

Потоа, во Патријаршиските одаи на Лаврата, Неговата Светост Патријархот московски и на сета Рус Кирил додели црковни награди.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6164385.html