Иконата на Пресвета Богородица од манастирот Динтр-ун Лемн (лево) и иконата на Пресвета Богородица од Крајова (десно)
Светиот Синод на Романската Православна Црква се состана на 29–30 септември и одобри востановување на два празника во чест на чудотворните икони на Пресвета Богородица:
* Иконата на Пресвета Богородица од Крајова (30 август)
* Иконата на Пресвета Богородица од манастирот Динтр-ун Лемн (21 јули).
Синот одобри и литургиски текстови за нивното чествување, известува романскиот црковен медиум „Базилика“.
Иконата на Пресвета Богородица од Крајова, позната како „Мадона Дуду“, се наоѓа во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во центарот на Крајова, изградена меѓу 1750 и 1756 година. Според преданието, иконата била пронајдена во дрво на местото каде што денес стои олтарот на храмот.
Иконата на Пресвета Богородица од манастирот Динтр-ун Лемн, кој се наоѓа во округот Вилча, е позната по своите големи димензии и, според преданието, била најдена во трупот на дабово дрво.
Иконата на Пресвета Богородица од Крајова
Иконата на Пресвета Богородица, што се наоѓа во црквата „Мадона Дуду“ во центарот на Крајова, е древна чудотворна икона. Црквата, посветена на Успението на Пресвета Богородица, била изградена меѓу 1750 и 1756 година, а повторно изградена во 1844 година, по земјотресот од 1831 кога била разурната.
Храмот го добил името „Дуду“ по чудотворната икона на Пресвета Богородица која, според преданието, била пронајдена во дрво од дудинка на местото каде што денес се наоѓа олтарот.
Преданието раскажува дека во градината на Гајану, која се простирала на пресекот на најважните патишта што поминувале низ Олтенија во тоа време, близу стариот пазар, трговците се одмарале во сенките на дудинките. На местото каде што сега стои храмот имало земјен рид наречен „Рид на градината“, покриен со богата насадена градина, над која се издигнувало старо дрво дудинка.
Еден локален трговец, кој често ја посетувал градината, еден ден забележал златен сјај меѓу гранките на дрвото. Се искачил и таму нашол чудесна икона на Пресвета Богородица. Ја зел и ја скрил на таванот на една куќа. Неколку дена подоцна, кога сакал да ја продаде, ја побарал иконата, но ја немало. Наскоро пак ја пронашол — во истото дрво. Повторно се обидел да ја однесе на пазар, но иконата повторно исчезнала и повторно се појавила во дрвото.
Веста за чудото брзо се проширила низ областа. Сопственикот на градината, благородникот Клуцер Хиријак Гајану, убеден дека се работи за чудо на Пресвета Богородица, решил да изгради црква на тоа место и во неа да ја постави иконата.
Првото писмено сведоштво за црквата „Мадона Дуду“ потекнува од 1758 година, кога храмот веќе постоел на местото на една постара дрвена црква.
Во 1778 година, златар од Сибиу, чие ќерка, по молитвите пред иконата, станала од смртна постела, ѝ подарил на иконата прекрасна сребрена обвивка што и денес е видлива. Во 1801 година, за време на суровата турска наезда кога била запалена третина од Крајова, единственото нешто што останало неповредено бил токму овој свет образ на Богородица.
За време на разорниот земјотрес што направил големи штети на градот, иконата била пронајдена под урнатини — без ниту една гребаница. Со растот на бројот на исцеленија и посетители, црковниот одбор изградил болница за болни — Дом на Мадона Дуду.
Во поново време се споменува и чудо: човек од Слатина, болен од напреднат рак, дошол пред иконата во инвалидска количка. Две недели останал кај роднина во Крајова и секојдневно одел да се моли пред Богородица. По само две недели, ја напуштил црквата — на свои нозе, благодарејќи ѝ на Пресветата и славејќи Го Бога.
Иконата на Пресвета Богородица од манастирот Динтр-ун Лемн
Иконата на Пресвета Богородица од манастирот Динтр-ун Лемн, во округот Вилча, е една од најпочитуваните во Романија — поради својата древност, уметничката изработка и безбројните чуда извршени преку неа.
Манастирот Динтр-ун Лемн се наоѓа во селото Франчешти, околу 25 километри јужно од градот Рамнику Вилча и 5 километри од градот Бабени. Тоа е еден од најголемите манастири во округот.
Најстарото познато сведоштво за неговото постоење е од 29 јули 1745 година, кога митрополитот Неофит Критски запишал дека „еден овчар по име Раду, во времето на војводата Александар (1568–1577), во сон ја видел иконата на Пресвета Богородица, спомната од Павле од Алепо, и кога го исекол дабовото дрво во кое ја нашол иконата, од неговото дрво изградил мала црква, наречена затоа Динтр-ун Лемн („Од едно дрво“)“. Камената црква потекнува од 1715 година, а документи во манастирската архива го спомнуваат и кнезот Матеј Басараб и годината 1640.
Иконата на Пресвета Богородица од овој манастир е чудесна и по своите димензии: висока е околу 1,5 метри и широка повеќе од еден метар. Денес се наоѓа во камената црква, на левата страна на иконостасот, на местото на царската икона на Богородица.
Нема точни податоци за авторот, годината на изработка или начинот на кој иконата стигнала во манастирот. Според преданието, била пронајдена во трупот на голем даб во дворот на манастирот.
Во 1929 година, професорот Андреј Грабор од Универзитетот во Стразбур ја посетил обителта, ја проучил иконата и заклучил дека била насликана во 4 век, во манастир во Грција посветен на Богородица, според првиот пример што го насликал апостол Лука. Според преданието, постојат само три вакви икони во светот — во Москва, во Константинопол и во Ерусалим.
По повеќегодишна реставрација, иконата била вратена во црквата на 15 ноември 2008 година.
