На 12 октомври 2026 година во митрополија Едеска, Пелска и Алмописка на Црквата на Грција, беше извршен свечениот пречек на светите мошти на светата новомаченичка Злата Мегленска за чие наоѓање известивме. Најнапред, моштите беа пречекани на влезот во нејзното родното место и местото на маченичката смрт. Оттаму, монахињи во свечена поворка, со почесна придружба, ги пренесоа до влезот на парохискиот храм посветен на оваа светителка.
Таму моштите ги пречекаа надлежниот архијереј на Едеската митрополија, митрополитот Јоил, митрополитот Навпактски Јеротеј, како и епископите Глабиниски Макариј, Амфиполски Христофор и Алмописки Стефан. Тие беа придружувани од голем број свештенослужители од митрополијата и од различни делови на Грција.
На вечерната богослужба началствуваше митрополитот Навпактски Јеротеј (Влахос), кој одржа проповед посветена на светителите, со посебен осврт на оние што ги љубат светителите и со дела ја покажуваат својата љубов кон Христа и кон Неговите светии.
Обраќање на митрополитот Јеротеј
Митрополитот Јеротеј истакна дека со света Злата се поврзани четири примери на љубов кон светителите.
Првиот е свети Никодим Светогорец, житиеписецот на света Злата, кој ја прославил неа и другите новомаченици, давајќи му поткрепа на народот во времето на османлиското владеење. Тој го споменал и нејзиното тајно погребување.
Вториот е свети Калиник, митрополитот Едески, Пелски и Алмописки, кој ги препознавал и ги љубел светителите. Уште од почетокот на својата архијерејска служба, тој сесрдно ги поттикнувал верниците да го востановат празникот на света Злата и да изградат храм во нејзина чест, чиј камен-темелник самиот го поставил.
Третиот пример е сегашниот митрополит Едески Јоил, кој ги љуби, почитува, подражава и прославува светителите, особено преку својот редок дар за составување богослужбени химни. Тој ја составил богослужбата на света Злата, го осветил нејзиниот храм и се удостоил во текот на своето архијерејско служење да биде откриена светителката. Тоа, како што беше истакнато, е знак на Божјата благодат и на благоволението на светата Злата кон него, свештенството на неговата митрополија и верниот народ.
Четвртиот пример се самите верници од целата митрополија, кои заслужуваат пофалба затоа што ги љубат светителите и Црквата.
На крајот, митрополитот Јеротеј нагласи дека светителката ни ја покажува мерката на љубовта кон Христа. Треба секојдневно да стануваме луѓе што ги љубат светителите, да Го љубиме светиот Бог и Неговите светии, да останеме верни на преданијата на Црквата, на догмите и на Неговите заповеди, и самите да станеме свети. Треба да се стремиме да стекнеме златен ум, златно срце и златен живот, прославувајќи го името на светиот Бог.
Од 13 октомври, на денот кога се празнува света Злата во Грција (по нов календар), во текот на целата седмица, покрај другите богослужби, секојдневно ќе се служи Божествена Литургија, а храмот ќе биде отворен во текот на целиот ден.










