Државата нема да внесува во Уставот на Грузија никакви измени кои се однесуваат на зајакнување на статусот на Православната црква без согласност на Патријаршијата, изјави раководителот на Службата за односи со јавноста на Патријаршијата на Грузија, протојереј Андриа Џагмаидзе, по состанокот на архијереите.
Тема на разговорите на состанокот на архијереите во четвртокот, на 29 август, беше предлогот на владејачката партија за поголемо зајакнување на улогата на Грузиската црква преку Уставот на Грузија. На речиси четиричасовната консултација, покрај високопоставените свештенослужители, присуствуваа и адвокатите на Патријаршијата и уставни експерти.
„Дискусиите по ова прашање ќе продолжат, бидејќи станува збор за уставна измена. Државата уште еднаш изјави дека никакви записи нема да бидат направени без согласност на црквата“, изјави Џагмаидзе за новинарите.
Свештеникот уште еднаш нагласи дека од страна на владејачката партија „Грузиски сон – демократска Грузија“ овој предлог е акт на учтивост.
„Повеќето архијереи се согласуваат дека ова е прифатливо“, додаде Џагмаидзе.
Во моментов, во Грузија односите меѓу државата и црквата се регулирани со Уставниот договор од 2002 година, прифатен за време на претседателот Едуард Шеварднадзе, во кој се вели дека „државата и Црквата ја потврдуваат својата подготвеност да соработуваат, почитувајќи го принципот на меѓусебна независност, за доброто на населението на земјата“.
Поголемиот дел од верниците во Грузија се православни христијани (84,9%). Има и Муслимани (10,9%), припадници на Ермено-Апостолската црква (3%), Римокатолици (0,5%) и претставници на други конфесии (0,7%).