Свештеникот Виталиј Гончарјук од Украинската Православна Црква
Претепаниот од насилници на Православната Црква на Украина (ПЦУ) свештеникот на Украинската Православна Црква од Черновци, отец Виталиј Гончарјук, од болничката соба сними видео-обраќање до Вселенскиот патријарх Вартоломеј. На снимката се гледа неговото повредено лице – со расечена веѓа и скршен нос. Видеото е објавено на Фејсбук-страницата на црквата „Свети Дух“, соборниот храм врз кој неодамна имаше обид за насилно преземање.
Свештеникот ги коментираше снимките на кои, заедно со о. Роман, се гледаат со крвави лица покрај оградата на соборниот храм, откако биле претепани од насилници најмени од ПЦУ. Посочувајќи на човекот кој го претепал, о. Виталиј му се обрати на Патријархот Вартоломеј:
„Го препознавате ли вашето духовно чедо? Чедо на Црквата под раководство на Епифаниј, на кого му го дадовте Томосот и го признававте како епископ, рамноправен со вас.“
Свештеникот изјави дека во Буковина претставници на ПЦУ веќе презеле околу 30 храмови, а на денот на снимањето дошле да го земат „духовното срце“ – соборниот храм. Според него, дошле околу 50 лица кои „ѕверски ги претепувале свештениците и верниците“.
„Оваа крв се пролева уште од кога Православната Црква на Украина го доби Томосот. Се пролева крв низ Буковина, се пролева низ цела Украина. А таа крв е на вашите раце – поради Томосот што наводно го дадовте од љубов, за да ја решите ситуацијата, а тој доведе до уште поголема агресија, уште поголемо крвопролевање“ – рече свештеникот.
„Вие го знаете тоа, а вашето недејствување покажува дека сето ова се случува со ваше тивко одобрување. Постои шанса дека не ви се известува за стотиците слични акти на бандитизам, упади и претепувања под знамето на ПЦУ. Се надевам дека ќе го чуете и ќе го видите ова. А понатаму – тоа е на вашата совест. Дојдете во Черновци, и ние ќе ви раскажеме и покажеме – илјада гласови на православни верници од Украинската Православна Црква ќе ви раскажат колку зло направиле вашите духовни чеда во нашата Буковинска епархија“ – изјави свештеникот и му посака на Патријархот Господ да му го сочува здравјето.