Претседателот на Русија Владимир Путин ја посети црквата Света Троица во Пјонгјанг

Фотографии: foma.ru

За време на посетата на Демократска Народна Република Кореја, претседателот на Руската Федерација Владимир Путин ја посети единствената православна црква во земјата – црквата „Света Троица“, во Пјонгјанг.

Претседателот на Русија беше пречекан со ѕвонење на камбаните. На прагот на храмот, шефот на руската држава беше пречекан и срдечно поздравен од Архиепископот Корејски г. Теофан. Владиката на шефот на руската држава му ги претстави претседателот на Православниот одбор на ДНР Кореја Виктор Ју и свештенството на црквата „Света Троица“, свештеникот Владимир Џан, ѓаконот Павел Пак и ѓаконот Георгиј Јун.

Потоа Путин продолжи кон црквата, каде што поглаварот на Корејската епархија на истакнатиот гостин му кажа за историјата на руската духовна мисија во Кореја, како и за фазите на изградбата на православната црква во Пјонгјанг.

Хорот на парохијата Света Троица ги отпеа храмовиот тропар и кондак, по што беше испеано многулетствие за претседателот на руската држава.

Претседателот на Русија подари икона на Света Троица за храмот.

* * *

Одлуката за изградба на православна црква во Пјонгјанг беше донесена во 2002 година за време на посетата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ил на Русија, по посетата на црквата „Свети Инокентиј Иркутски“ во Хабаровск.

На 24 јуни 2003 година, Архиепископот Калушки и Боровски г. Климент го освети камен-темелникот на новата црква. Проектот за храмот е развиен од корејски експерти од областа на руската храмова архитектура. Изградбата беше извршена главно на сметка на буџетот на ДНР Кореја со помош од администрацијата на Приморската област на Русија и некои руски бизнисмени. Богослужбените предмети, иконите и камбаната се донација од Руската православна црква.

Во јуни 2006 година, претседателот на Православниот одбор на ДНР Кореја, Георгиј Хо Ир Зин, му се обрати на Неговата Светост Патријархот на Москва и на цела Рус Алексиј II да го прифати храмот во состав на Руската православна црква, што беше прифатено од Светиот архијерејски синод на Руската православна црква во јули истата година.

На 13 август 2006 година се одржа свеченото осветување на храмот, на чие чело беше Митрополитот Смоленско-калининградски Кирил, сега Патријарх Московски и на цела Рус.

Во 2015 година, храмот беше живописан од иконописци од Русија. Храмот е дел од Корејската епархија, формирана во 2019 година.

Храмот Света Троица, фотографија: churchkr.com

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6138217.html