Претставници на помесните Православни Цркви на ноќна Литургија во Екатеринбург

Во ноќта меѓу 16 и 17 јули, по повод споменот на Светите Царски страстотрпци, во градот Екатеринбург, во Русија, беше отслужена свечена ноќна Божествена литургија на плоштадот пред храмот-споменик „На крвта“, на која молитвено учествуваа околу 44.000 верници од Русија и од повеќе земји во светот.

Пред 108 години, во ноќта меѓу 16 и 17 јули 1918 година, токму на тоа место, во подрумот на Ипатиевата куќа, маченички пострадаа императорот Николај Александрович, императорката Александра Фјодоровна и нивните деца: престолонаследникот Алексеј и големите кнегињи Олга, Татјана, Марија и Анастасија. Денес на тоа место е изграден храмот на сите светители кои засветлиле на руската земја, наречен „На крвта“.

На богослужбата служеа дваесет архијереи на Руската Православна Црква, а заедно со нив беа и претставникот на Антиохиската Патријаршија при Московската Патријаршија, митрополитот Филипополски Нифон, како и претставникот на Српската Православна Црква, епископот Ремезијански Стефан.

По Литургијата, митрополитот Ташкентски и Узбекистански Викентиј ја прочита честитката од Патријархот Кирил до митрополитот Екатеринбуршки и Вверхотурски Евгениј по повод неговиот именден. Во име на Антиохиската, Српската Патријаршија и Православната Црква во Америка, митрополитот Нифон истакна дека Светите Царски страстотрпци уживаат особена почит на Истокот и во Србија и ја нагласи важноста на единството на православната вера.

По завршувањето на богослужбата, архијереите, свештенослужителите и илјадници верници тргнаа во традиционалната литија долга 21 километар до Манастирот на Светите Царски страстотрпци, поминувајќи го патот за околу четири часа со непрестајна молитва.

Извор: https://ekaterinburg-eparhia.ru/news/2026/07/17/241867/