Претстоителот на Полската Православна Црква упатил жалба во Цариград против дејствијата на ПЦУ во Полска

Митрополит Сава Варшавски и на цела Полска

Претстоителот на Полската Православна Црква, Митрополитот Сава Варшавски и на цела Полска, испратил жалба до Цариградскиот Патријарх против дејствијата на ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) во Полска. За ова се дозна од извештаите од последната седница на Синодот на ПЦУ, која се одржа на 7 ноември 2025 година.

Имено, веќе известивме дека клирици на ПЦУ без благослов од надлежниот архијереј на Полската Православна Црква и спротивно на одредбите на сопствениот томос вршеле свештенодејствија во Полска. Во извештајот ПЦУ оди чекор понатаму и ја обвинува Полската Црква за „антиканонски и антихристијански однос на јерархијата на Полската Црква кон верниците на ПЦУ“.

Во извештајот од Синодот на ПЦУ се вели:

„Беше сослушано известувањето од Главниот секретар на Светиот Синод на ПЦУ, митрополитот Виницки и Барски Симеон, за писмото од Главниот секретар на Светиот и Свештен Синод на Вселенскиот Патријархат, архимандрит Воспориј, со кое се информира за жалбата против дејноста на Православната Црква на Украина, што Блаженејшиот Митрополит Варшавски и на цела Полска Сава ја испратил до Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.

При разгледувањето на ова прашање, Синодот го сослуша и извештајот на претседателот на Капеланската мисија на ПЦУ, митрополитот Ривненски и Острожки Иларионон, во врска со дејноста на оваа мисија во Полска.

Беше одобрен текстот на Синодското писмо до Блаженејшиот Сава, Митрополит Варшавски и на цела Полска, и до Архијерејскиот Собор на ПАПЦ (Полската автокефална Православна Црква заб. прев.), со објаснување на дејствијата на Православната Црква на Украина, кои се преземаат во состојба на крајна принуденост, што настана поради антиканонскиот, па дури и антихристијанскиот однос на јерархијата на ПАПЦ кон свештенството и верниците на ПЦУ што се најдоа во Полска, спасувајќи се од руската вооружена агресија. За ова писмо ќе биде информирана и Вселенската Патријаршија.“

Извор: https://www.pomisna.info/uk/vsi-novyny/ofitsijne-povidomlennya-pro-zasidannya-svyashhennogo-synodu-7-lystopada-2025-r/