На 11 јуни 2024 година, Нејзиното кралско височество Тајландската принцеза Маха Чакри Сириндхорн беше во официјална посета на храмот Свети Никола, во Бангкок. Овој храм припаѓа на Патријаршискиот егзархат за Југоисточна Азија на Руската православна црква.
Со благослов на надлежниот митрополит Сингапурски и на Југоисточна Азија Сергиј, привремен администратор на тајландската епархија, Нејзиното Височество пред портите на катедралата беше пречекана од секретарот на тајландската епархија, настојателот на црквата „Свети Никола“, архимандритот Олег (Черепанин), и од свештенството на епархијата. Нејзиното височество беше придружувана од кадети од Кралската воена академија Чулачомклао со нивниот интендант, генерал-полковник Краипоп Чајафан.
На средбата присуствуваа и вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Кралството Тајланд Е. Томихин со сопругата, генерал-мајор Пермвуд Свасти, воениот, воздухопловен и поморски аташе на Руската Федерација во Кралството Тајланд, полковник И. Шолохов, старешината на храмот „Свети Никола“ Алексеј Тјутин и членови на парохиските совети.
Додека се пееше кралската химна на Тајланд, принцезата Сириндхорн и гостите влегоа во храмот, каде што беше отслужен молебен на свети Николај Чудотворец. Богослужбата се изврши на црковнословенски и на тајландски јазик.
По завршувањето на службата, беше испеано многулетствие за Неговото Височество, кралот на Тајланд, Маха Вачиралонгкорн, за Нејзиното Кралско Височество принцезата Маха Чакри Сириндхорн и за целиот Кралски дом на Тајланд.
По богослужбата, претседателот на Фондацијата на православната црква во Тајланд (на Московската патријаршија), настојателот на храмот „Сите Светии“ во Патаја, протојереј Даниил Данаи Вана, пред присутните презентираше извештај на тема „Улогата на Руската православна Црква во современа Русија и сегашниот статус на православието во Тајланд“. Во продолжение на посетата, на Нејзиното Височество ѝ беа претставени светињите на храмот.
Во име на администраторот на епархијата, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Сингапурски и на Југоисточна Азија г. Сергиј и свештенството на храмот, архимандритот Олег ѝ се заблагодари на Нејзиното Височество за посетата и на подарок ѝ даде колекционерско издание на Библијата со илустрации од Салвадор Дали.
Посетата заврши со пиење чај на традиционален руски начин.














