Принудна мобилизација на свештениците на Украинската Православна Црква

Продолжува принудната мобилизација на свештенослужителите на Украинската Православна Црква.

На 11 јули 2026 година, службеници на Територијалниот центар за регрутирање (ТЦК) присилно го мобилизирале настојателот на храмот „Покров на Пресвета Богородица“ во Сутковци, протојереј Владимир Стефанишин, соопшти Хмелничката епархија на Украинската Православна Црква.

Свештеникот бил приведен во селото Јармолинци, по што бил однесен во воениот комесаријат во Хмелницки. Според информациите од епархијата, отец Владимир веќе се наоѓа на воен полигон во Ровно.

Во Криви Рог, службениците на ТЦК на 10 јули присилно го мобилизирале клирикот на Александриската епархија, јереј Роман Нагорњак. Инцидентот се случил додека настојателот на храмот „Свети Константин и Елена“ во селото Червоноконстантиновка се враќал дома со автомобил. Претставници на ТЦК го запреле возилото и го одвеле свештенослужителот.

Истиот ден свештеникот поминал воено-медицинска комисија, а во моментов веќе се наоѓа на еден од воените полигони во Днепропетровската област. Блиските на отец Роман ги повикуваат верниците да се молат за него.

Украинската Православна Црква потсетува дека, според канонските правила на Православната Црква, свештенослужител не смее да зема оружје в раце, бидејќи пролевањето крв не е во согласност со свештеничката служба, која е повикана да Му принесува на Бога бескрвна жртва.

Но, додека за останатите цркви Украинската држава прави отстапки и тие се изземени од задолжителната мобилизација, тоа не важи за свештенослужителите на Украинската Православна Црква, како што неодамна изјави раководителот на Украинската државна служба за етнополитика и слобода на совеста Виктор Еленски, во интервју за украинските медиуми.

Извор: https://hromadske.ua/suspilstvo/266920-koly-zaboroniat-upts-mp-chy-pratsiuye-zakon-na-chyyemu-botsi-sudy-i-iak-broniuiut-sviashchennykiv-interviu-z-hlavoiu-derzetnopolityky и https://spzh.eu/ru/news/94344-v-krivom-rohe-ttsk-pokhitil-svjashchennika-aleksandrijskoj-eparkhii