Ривненската епархија на Украинската Православна Црква на 3 февруари 2026 година соопшти дека архимандритот Герман (Кулакевич), жител на скитот „Св. Варвара“ во селото Стари Корец, бил приведен од претставници на Територијалниот центар за регрутација.
Според Сојузот на православни журналисти, тој бил задржан на пат кон дома од здравствена установа, каде што бил прегледан поради акутна респираторна вирусна инфекција.
Епархијата упати апел до свештенството и верниот народ за молитви за свештеникот, молејќи Го Бога да му дарува духовна и телесна сила, мир во срцето, мудрост и праведно разрешување на настанатите околности.
На 4 февруари, епархијата објави дополнителна информација, наведувајќи дека по поминатата воено-лекарска комисија, отец Герман бил прогласен за привремено способен за воена служба, конкретно за служба во резервни и поддржувачки единици. Поради тоа, тој бил испратен на служба во една од позадинските единици во Ривненската област.
Ова не е изолиран случај, постојат многу сведоштва за принудна мобилизација на свештенството на Украинската Црква, за кое постојат тврдења дека се врши систематски со цел и на тој начин да ѝ се зададе удар на канонската Црква во Украина.
На 5 февруари 2026 година, во Никопол, припадници на Територијалниот центар за регрутација го привеле настојателот на храмот „Света Троица“ на Криворожската епархија, протојерејот Александар Черњадјев. Свештеникот бил приведен директно на територијата на храмот. Според сведоштвата на очевидци, тој бил облечен во подрасник и со крст, кога му пристапиле претставници на Центарот за регрутација. По приведувањето, протојерејот Александар бил однесен во градот Дњепар. Засега нема официјални коментари за причините и за понатамошните дејствија во однос на свештенослужителот.
