Спорот меѓу поранешниот митрополит на Пафос, Тихик, и Кипарската архиепископија продолжува да се продлабочува, по серијата соопштенија, деманти и меѓусебни обвинувања што деновиве беа објавени во јавноста.
Повод за новата ескалација беше инцидентот што се случил на 26 април годинава во храмот на Светите апостоли Павле и Варнава во Пафос, за време на Божествената Литургија. Архиепископијата во официјално соопштение, објавено на 28 април, тврдеше дека митрополитот Тихик, кој се наоѓа под црковна забрана, недозволено носел архиерејски одежди и вршел спомнување на имиња на проскомидијата, а при забелешка од настојателот на храмот наводно го оттурнал и удрил.
Од страната на митрополитот Тихик овие тврдења беа категорично отфрлени. Неговиот правен тим соопшти дека митрополитот не служел Литургија, ниту извршил какво било свештенодејствие, туку само се молел и спомнувал имиња за живи и упокоени, што го правел и на други места без да му биде оспорено, додека Литургијата ја служел друг свештеник. Според адвокатите, токму протосингелот на Митрополијата на Пафос, отец Јован, физички го оттурнал Тихик од олтарот, за што, како што тврдат, веќе постојат сведоштва дадени во полицијата.
Во новото обемно соопштение на правниот тим на Тихик се наведува дека обвинителниот акт против него не бил заснован исклучиво на црковни прашања, туку и на претставки од политички личности, меѓу кои и градоначалникот на Пафос, Федонас Федонос, како и претставници од Грција. Адвокатите тврдат дека дел од клучните докази никогаш не ѝ биле доставени на одбраната и дека биле прекршени одредби од црковната постапка и Уставот на Црквата на Кипар.
Во истото соопштение се поставуваат и прашања за односот на Архиепископијата кон повеќе од 1500 верници кои неодамна протестираа во Пафос во знак на поддршка за митрополитот Тихик. Одбраната реагираше на формулацијата во соопштението на Архиепископијата, во кое се предупредува верниците да не бидат заведувани од „лажно побожни“ лица и „погрешни учења“, оценувајќи дека таквите квалификации ја навредуваат честа и верата на луѓето што го поддржуваат митрополитот.
Архиепископијата, пак, претходно ги отфрли како „лажни и неосновани“ тврдењата дека Кипарскиот Архиепископ Георгиј го поттикнувал градоначалникот на Пафос да конструира обвиненија против Тихик. Од страната на митрополитот одговорија дека не станува збор за гласини, туку за потпишана изјава дадена во полицијата во Никозија.
Правниот тим на Тихик предупредува дека, доколку се потврдат неправилности во постапката, синодските одлуки против него ќе останат без правна и црковна основа, поради што би можеле да бидат поништени или од Светиот Синод, или од Врховниот суд на Кипар.
Во меѓувреме, Цариградската патријаршија веќе ги отфрли жалбите на митрополитот Тихик против одлуките на кипарскиот Синод, но спорот очигледно продолжува да предизвикува сериозни поделби во црковната и општествената јавност на Кипар.
Извор: https://churchofcyprus.org.cy/104833 и https://eeod.gr/news/87359-dikaosi-tou-mitropolti-tychiko-kai-apokatstasi-tis-altheias
