Капиталното дело на д-р Маргарет Питерс „Џендер револуција – глобална агенда?“, преведено и објавено во издание на Издавачката установа на Архиепископијата Белградско-карловачка „Духовна реч“, беше претставено на 10 февруари 2026 година вечерта во криптата на Храмот Свети Сава на Врачар – известува интернет страницата на Српската Православна Црква.
На промоцијата за книгата говореа: јереј проф. д-р Владан Таталовиќ – уредник на изданието, д-р Александра Павиќевиќ – научен советник во Етнографскиот институт на Српската академија на науки и уметности и авторката д-р Маргарет Питерс. Присутни беа Преосвештените епископи: Шабачки Јеротеј, викарниот Новобрдски Иларион, викарниот Липљански Доситеј и викарниот Моравички Тихон, министерот за образование г. Дејан Вук Станковиќ, свештенството и бројна публика.
Епископот Новобрдски Иларион се обрати во име на Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, а промоцијата на книгата беше разубавена со пеењето на женската певница на Соборниот храм во Белград.
Во известувањето за настанот, информативната служба на Српската Црква потсетува дека мисијата на Српската Православна Црква во изминатата деценија особено е насочена кон зачувување на светоста на бракот и семејството, односно кон укажување на погубните дејства на џендер-идеологијата и практиките врз разбирањето и животот на човекот, семејството и општеството во современиот свет.
Со таа цел Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј на 11 септември 2022 година служеше молебен за светоста на бракот и семејството, а набргу потоа, како претседател на Светиот архијерејски синод, донесе одлука во сите храмови и манастири на Српската Православна Црква на сите богослужби да се произнесува Молитвата за светоста на бракот и семејството, слогата и мирот во народот. Потоа следуваа и научни собири: на 16 јануари 2024 година – „Српски идентитет, српски јазик и Законот за родова рамноправност“ и на 14 март 2024 година – „Правни аспекти и последици од Законот за родова рамноправност“.
Учесник на првиот научен собир беше д-р Маргарет Питерс, водечки светски истражувач и автор на повеќе книги и триста извештаи во кои, од христијанска перспектива, ја анализира постмодерната етика, џендер-агендата и етосот на „новиот глобален консензус“ конструиран под покровителство на Обединетите нации. Со цел да им даде поттик на српските истражувачи, автори и активисти, Патријархот Порфириј благослови книгата на г-ѓа Питерс „Џендер револуција – глобална агенда?“ да биде преведена и издадена на српски јазик.










