Прослава на 100-годишнината од автокефалноста на Полската православна црква

Полската православна црква во текот на оваа година ја прославува 100-годишнината од својата автокефалност со литургиски и други настани.

На 13 ноември, главната прослава се одржа во соборниот храм Света Марија Магдалина, во Варшава. На богослужбата началствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Полски Сава со архијереи на Полската црква и свештенство од целата земја, – известуваат од Полската православна црква.

„Автокефалноста доделена пред сто години овозможи преродба на свеста на православните жители на Република Полска, притоа давајќи ѝ можност на татковината да ја разбере улогата на автохтоното православие, кое треба да се смета за неотуѓива целина и богатство на националната култура“, – се вели во соопштението.

На Полската црква автокефалноста ѝ ја додели Цариградската патријаршија, на 13 ноември 1924 г.

Митрополитот Сава ги поздрави поклониците и почесните гости и зборуваше за историјата на Православието во Полска, почнувајќи од мисионерската дејност на светите Кирил и Методиј. „Денес е ден на благодарност кон Бога за 100-те години независност и над 1000 години од Источното христијанство во полските земји“.

Во заклучокот на говорот, Митрополитот Сава зборуваше за иницијаторот на автокефалноста – митрополитот Георгиј (Јарошевски), чиј портрет е поставен на западниот ѕид на соборниот храм, и за продолжувачот на неговото дело – митрополитот Дионисиј (Валедински), чија епископска панагија полскиот претстоител ја носеше на јубилејот.

Пастирските поуки од митрополитот завршија со цитат од Посланието до колосјаните: „Останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи во надежта на Евангелието“ (1, 23) и со повик за вера во Христа, Кој им дава сила на сите.

Во текот на Божествената литургија беше прочитано посланието на Архијерејскиот собор по повод 100-годишнината од автокефалноста. Беа упатени благодарствени молитви за црковните и државните власти. Се прочитаа молитви за благосостојба и Божји благослов за татковината, народот и за православните верници.

По Божествената литургија беше прочитана молитва за православната Црква во Полска, за нејзината јерархија, за свештенството и верниците. Беа принесени молитви за упокоените иницијатори, градители и продолжувачи на независноста на Православната црква во Полска.

Завршувајќи ги јубилејните прослави во главниот град, Неговото блаженство упати зборови на татковска грижа до младата генерација православни жители на Полска, поттикнувајќи ги да црпат мудрост од животот на минатите генерации и да бараат поддршка во Христос Кој помага да се надмине секое зло и сите тешкотии.

Вечерта се одржа јубилеен концерт.

Соопштението заклучува:

Големиот јубилеј 100-годишнина од автокефалноста на Православната црква во Полска, треба да го поттикне секој православен христијанин да биде гордо чедо на својата мајка Црква, наследник на верата и културата на своите предци. Јубилејот на автокефалноста треба да ги потсети сите жители дека Православието е заедничко богатство кое го обликува идентитетот на нашата татковина повеќе од 1000 години. Делото што беше иницирано од блаженоупокоениот Митрополит г. Георгиј, запечатено со неговата трагична, маченичка смрт, а продолжено од великиот митрополит Дионисиј и светите митрополити Макариј, Тимотеј, Стефан, Василиј и сегашниот митрополит Сава, нека биде порака до сите верници и поттик за творечка дејност, родена од убавината на Православието, од неговата духовна длабочина, богословска мисла и уметничко богатство, бидувајќи богатство на секој граѓанин на Република Полска.

Извор: https://www.orthodox.pl/obchody-100-lecia-autokefalii-w-warszawie/ преку: https://orthochristian.com/164668.html