Прослава на Христовото Воскресение ширум православниот свет

Православните христијани ширум светот го прославија најголемиот христијански празник – Воскресението Христово – Велигден.

Цариградскиот Патријарх Вартоломеј го предводеше богослужението во Патријаршискиот храм „Св. Георгиј“, во Фанар, на полноќ на Велика Сабота.

Антиохискиот Патријархот Јован служеше света Литургија во Мерјамската катедрала во Дамаск, утрото на Пасха.

Во Ерусалим, Патријарх Теофил, откако пладнето на Велика Сабота ја изврши службата на благодатниот оган, на полноќ началствуваше на пасхалната богослужба во храмот на Христовото Воскресение, во Ерусалим.

Во Москва, Патријархот Кирил началствуваше на полноќната служба во храмот „Христос Спасител“.

Српскиот Патријарх Порфириј на Велигден богослужеше во древното седиште на Српската Православна Црква, Пеќката Патријаршија.

Во Бугарија, Патријархот Даниил ја предводеше полноќната служба во соборниот храм „Св. Александар Невски“, во Софија.

Романскиот патријарх Даниел служеше во Патријаршискиот катедрален храм во Букурешт.

Во Грузија, патријархот Илија, кој и покрај поодминатите години и натаму е духовен столб на народот, беше молитвено присутен на полноќната пасхална богослужба во Тбилиси.

Архиепископот Атински Јероним ја предводеше Воскресната полноќна служба и Божествената Литургија во митрополитскиот храм на Атина.

Во Албанија Архиепископ Тирански и Албански Јован ја предводеше полноќната богослужба во храмот „Воскресение Христово“, во Тирана.

Во ноќта на Светлото Христово Воскресение Митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј ја предводеше Велигденската утринска служба и Божествената литургија во Свето-Успенската Киево-Печерска Лавра.