Прослава на Илинден во полскиот град Семијатиче

2 август е особено важен ден за православните жители на Семијатиче и околните населби. На овој ден, Црквата го слави споменот на светиот пророк Илија (според стариот, јулијански календар) што свечено се одбележува во парохијата на Воскресението Христово во Семијатиче. Светителот секоја година собира голем број верници кои сакаат да го чествуваат свети Илија и да се помолат за благосостојба во овој живот и да му се заблагодарат на еден од најголемите пророци на Стариот Завет за неговото застапништво пред Бога.

Прославите започнаа на 1 август во 17 часот со сеноќно бдение. Богослужбата ја предводеше Неговото Преосвештенство, епископот на Семијатиче г. Варсонуфиј, во присуство на бројно свештенство. Традиционално, на овој ден, за прв пат пристапуваат кон светата тајна исповед децата од предшколска возраст.

Празничната богослужба започна во 6:30 часот со водосвет, кое го изврши парохискиот свештеник, протојереј Василиј Литвинук. Првата света Литургија започна во 7:00 часот под водство на архимандрит Игнатиј. Хорот на парохијата на светите апостоли Петар и Павле пееше под диригентство на матушка Јоланта Авксетијук. Потоа, беше прочитан акатистот на светиот пророк Илија.

Околу 9:40 часот започна свеченоста за пречек на епископот на Семијатиче г. Варсонуфиј. Централната света Литургија започна во 10 часот. Проповед одржа свештеникот Кристоф Војчесук од Мелник, кој ги запозна слушателите со животот на светиот Илија, наведувајќи ги најзначајните факти поврзани со неговата пророчка дејност. Проповедникот истакна дека пророкот застанал во одбрана на верата на предците, која била особено силна кога израелскиот народ страдал, додека отстапувањата се појавувале кога Израилот живеел во изобилство. Заклучокот на проповедта беше дека кризата на верата во современиот свет е исто така поврзана со благосостојбата и стремежот кон материјални нешта, кариера и земска слава. Единствениот начин за спас на верниците од цивилизациска катастрофа е користењето на наследството на Црквата и следењето на Евангелието во животот.

Празникот заврши со свечена литија околу храмот, за време на која беа изговорени благодарствени молитви за дарот на автокефалијата на Полската православна црква. По нејзиното завршување, епископот Варсонуфиј им се обрати со пригодно слово на присутните. Тој истакна дека современиот човек почитува практично сè освен Бога и не знае да му изрази благодарност на својот Создател. Таквата состојба води кон духовна смрт. Единственото спасение за човекот е главната порака на светиот пророк Илија, која се состои во покајание и враќање кон Бога.

На прославите присуствуваа претставници на локалната власт од сите нивоа. За време на главната света Литургија, пееше парохискиот хор под диригентство на Виолета Бородина и детскиот хор под водство на Јустина Варшичка.

Извор: https://www.orthodox.pl/swietego-proroka-eliasza-w-siemiatyczach-3/