Прослава на јубилејот – 1700 години од Првиот вселенски собор во Унгарија

Во саботата пред празникот на Светите Отци на Првиот вселенски собор, на 31 мај 2025 година во Печ, Унгарскиот град со ранохристијанска традиција, свечено беше прославен големиот јубилеј на целото христијанство: 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја во 325 година.

Неговото Високопреосвештенство, Архиепископот и Митрополитот Будимски г. Лукијан од Српската Православна Црква, отслужи света архиерејска Литургија на темелите на базилика од IV век, која се наоѓа во рамките на археолошкиот и музејски центар „Села Септихора“, познат по своите ранохристијански споменици од IV век како што се: базиликата, гробници и ѕидното сликарство.

За време на светата Литургија, беа вознесени молитви на црковнословенски, српски, грчки, унгарски и латински јазик, а беше прочитан и Никејскиот символ на верата, во спомен на Првиот вселенски собор.

На крајот од светата Литургија, Високопреосвештениот Митрополит се обрати до присутните потсетувајќи на значењето на Првиот вселенски собор кој ги постави темелите на денешната Црква и го пројави соборниот карактер, односно единството на Црквата на вселенско ниво.

„Првиот вселенски собор ѝ даде на христијанската Црква јасни темели во поглед на учењето, исповедањето на верата, но и на институционалната организација на Црквата, за што сведочат каноните на овој собор. Во тоа се состои неговото неизмерливо значење на вселенско ниво. Првиот вселенски собор претставува пројава на соборноста на христијанската Црква и модел за постигнување единство по сите важни прашања на црковниот живот. Тој беше пројава на зборовите – Да бидеме сите едно во Господ. Но, почетоците на соборноста секогаш се и ќе бидат исклучиво во светата Литургија како заедница на мнозина обединети во иста вера во Бога, кои на врвот од светата Литургија се соединети токму со Самиот Господ Исус Христос преку причестувањето со Неговото Тело и Крв“ – истакна Митрополитот Лукијан.

По овој повод, на поклонение беа донесени моштите на Свети Атанасиј Велики, сведок и активен учесник на Првиот вселенски собор и еден од најголемите теолози на христијанската Црква. Исто така, за целивање беше изложена и икона на Светите Отци на Првиот вселенски собор, специјално насликана за оваа прилика.

Извор: https://www.serbdiocese.hu/2025/05/31/1700-godina-od-prvog-vaselenskog-sabora/