Прослава на петгодишнината од присоединувањето на Архиепископијата на западноевропските парохии со руска традиција со Руската православна црква

На 15 декември 2024 година во Париз се одржаа свечености по повод петгодишнината од повторното обединување на Архиепископијата на западноевропските парохии од руската традиција со Руската Православна Црква.

На тој ден, на Божествена литургија во соборната црква „Свети Александар Невски“, служеа претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј, поглаварот на Архиепископијата, митрополитот Дубнински Јован, и викарниот епископ на Архиепископијата, Домодедовски Симеон. На архијереите им сослужуваше бројно свештенство од редовите на клирот на Архиепископијата и на Патријаршискиот егзархат на Западна Европа.

По отпустот на Литургијата, митрополитот Антониј го прочита поздравното обраќање на Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус г.г. Кирил и, во името на Неговата Светост, ги поздрави учесниците на свеченоста. Во своето обраќање, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски ја истакна важноста на обединувањето што се случи пред пет години, што ѝ овозможи на Архиепископијата, како дел од Руската Православна Црква, да го зачува своето богато историско наследство и својот идентитет. 

Митрополитот Антониј, исто така, со топли зборови го поздрави митрополитот Дубнински Јован и ја нагласи неговата лична почит, искрената љубов на клирот и верниците на Архиепископијата, како и неговата грижа за доверениот му црковен удел, кои придонесоа за одлуката за враќање во прегратките на Мајката Црква. 

Митрополитот Јован, од своја страна, му се заблагодари на митрополитот Антониј за учеството во свеченостите. Тој истакна дека обединувањето со Московската Патријаршија ѝ овозможи на Архиепископијата да го продолжи своето спасоносно дело во Западна Европа, да избере викарни архијереи и да го обезбеди наследството на традициите. Митрополитот Јован изрази благодарност кон Светејшиот Патријарх Кирил и кон членовите на Светиот Синод за доделувањето на Патријаршиската и Синодската грамота, врз основа на која се определува животот на Архиепископијата изминативе пет години. 

Архиерејот исто така искрено му се заблагодари на митрополитот Антониј за неговото лично учество во преговорите што го претходеа обединувањето, како и за неговата континуирана грижа за судбината на Архиепископијата. 

По завршувањето на богослужбата, архиереите, свештенството и верниците продолжија со заедничко дружење на чај во парохискиот дом. 

Извор: https://mospat.ru/ru/news/92629/