Торжествено прославен празникот на Рождеството Христово ширум православниот свет

Празникот на Христовото Раѓање беше торжествено прославен ширум православниот свет на 25 декември (според јулијанскиот календар), односно на 7 јануари (според новиот календар).

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил служеше во Витлеем, на самото место на Рождеството Господово. Божикната служба започна на вечерта пред празникот. Околу полноќ, за време на химната „Дојдете, верни, да видиме каде се роди Христос“, беше извршено слегување кон Светата Пештера. Десно од Неговото Блаженство стоеше претставникот на Палестинската држава г. Рамзи Хури и Генералниот конзул на Грција во Ерусалим г. Димитриос Ангелосопулос, а лево претставникот на државата Јордан, министерот за внатрешни работи г. Мазен Илфарафије, заедно со други официјални лица.

Во Светата Пештера, по читањето на химните, беше прочитано Евангелието за Христовото раѓање: „Во тие денови излезе заповед од цар Август за попис на целата населба…“ според Евангелието по Лука. Божикната порака на Неговото Блаженство беше прочитана на грчки и на арапски. 

Неговата Светост, Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил служеше Божествена Литургија во храмот на Христа Спасителот, во Москва. Богослужбата исто така започна вечерта на претходниот ден и беше отслужено Велико повечерие, Утрена и Божествена Литургија.

Претстоителот на Српската православна црква, Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј, за празникот служеше Божествена Литургија во храмот „Свети Сава“, во Белград.

Рождеството Христово беше торжествено прославено, со сеноќно бдение, и во Тбилиси, во соборниот храм „Света Троица“, во молитвено присуство на Грузискиот Патријарх-Католикос г.г. Илија.

На сеноќното бдение и на Божествената Литургија на празникот на Рождеството Христово во храмот „Св. Марија Магдалена“ во Варшава началствуваше Претстоителот на Полската православна црква, Неговото Блаженејшиот Митрополит Сава Варшавски.

Блаженејшиот Митрополит Киевски и на цела Украина г.г. Онуфриј, отслужи Божествена Литургија во Свето-Успенската Киево-Печерска Лавра.

Рождеството Христово беше торжествено прославено и во сите манастири на Света Гора, со сеноќно бдение.

На истиот датум Рождеството Христово беше прославено и во Синајската Архиепископија.