Во петокот, 15/28 август 2026 година, Ерусалимската Патријаршија го прослави празникот Успение на Пресвета Богородица во Гетсиманија и во Богородичниот гроб.
На овој празник целата Црква, а особено Ерусалимската, со радост и умиление се сеќава и го празнува вознесувањето на Пресвета Богородица со душата и телото на небесата, како што сведочат Светото Писмо и го толкуваат Отците на Црквата.
По повод празникот, вечерта беше отслужена Вечерна богослужба во храмот при Богородичниот Гроб, со која началствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот капитолијадски г. Исихиј.
Утрото беше отслужена Божествена Литургија, по пречекот во дворот на храмот, со која началствуваше Неговото Блаженство, патријархот Ерусалимски г.г. Теофил. Со него сослужуваа Неговото Високопреосвештенство митрополитот Капитолијадски г. Исихиј, Неговото Високопреосвештенство архиепископот Константински г. Аристарх, Неговото Високопреосвештенство архиепископот Лидиски г. Димитриј и Неговото Високопреосвештенство архиепископот Пелски г. Филумен.
На Литургијата присуствуваа и бројни јеромонаси од Братството на Светиот Гроб, предводени од старецот Камарасис, архимандритот о. Нектариј, како и множество презвитери од арапскојазичните парохии и свештеници гости од Православните цркви на Русија, Романија и Грузија. Меѓу нив беа и началникот на Руската духовна мисија во Ерусалим, архимандритот Васијан, архиѓаконот Марко и јероѓаконите Продром, Евлогиј и други.
Певниците пееја на грчки и арапски јазик.
Броен народ, со умиление, се молеше кон Пресвета Богородица. На богослужението присуствуваа и генералниот конзул на Грција во Ерусалим, г. Димитриј Ангелосопулос и г-ѓа Ана Мантика, амбасадорот на Грузија, г. Бека Твали, како и конзулот на Грузија Мака Одселашвили.
Пред овој народ Блаженејшиот ја произнесе својата беседа, велејќи:
„Вдахни ни ја благодатта на Духот, о Слово Божјо, за и ние… макар и нејасно некако да можеме да ги изговориме величијата на Твојата најсакана Мајка. Зашто Таа, избрана уште од древните поколенија, според предопределениот совет и благоволение на Бога и Отецот, Кој Те роди предвечно, непроменливо и без страдање, Те роди Тебе – умилостивување и спасение, правда и избавување, Тебе, Живот од животот, и Светлина од Светлината, вистинскиот Бог од вистинскиот Бог, Кој во последните времиња се воплоти од неа; чие раѓање е чудесно, раѓањето над природата и разумот и спасоносно за светот, а Успението славно, навистина свето и преславно“, извикува свети Јован Дамаскин, славејќи ја секогаш Дева Богородица и Мајка Божја.
Возљубени во Христа браќа,
Благочестиви христијани и поклоници,
Благодатта на Светиот Дух нè собра сите нас од краиштата на земјата во овој најсвет и најпочитуван Богородичен Гроб на славното Успение на Преблагословената Богородица Марија во Гетсиманиското место, за со смелост да го прославиме ова големо и чудесно чудо, односно нејзиното свето и преславно Успение.
Навистина чудесно е Успението на сеславната Богородица. Затоа и химнописецот, восхитувајќи се, извикува: „При Твоето Раѓање – бесплодното зачнување, при Твоето Успение – нетленото умирање; чудо во чудо двојно се случи со Тебе, Богородице. Зашто како бесплодна, а хранителка на Младенец, остануваш чиста? И како Мајка на Бога, носејќи мртовец, мироносна?“
Но ова недоумевање го разрешува химнописецот Козма, извикувајќи и велејќи: „Победнички венци прими, Чиста, над природата, откако Бога си Го родила; но, подражавајќи Го Твојот Создател и Син, над природата се покоруваш на законите на природата. Затоа, умирајќи, заедно со Синот воскреснуваш и вечно живееш“.
Со други зборови, ако Бог Слово, Христос, Кој се воплоти и стана човек од пречистата крв на Богородицата Дева Марија, нетлено претрпе смрт на распадливоста, како совршен Бог и совршен човек, колку повеќе требало да им се покори на законите на создадената природа нејзината пресветла душа, која премина во пречистите раце на нејзиниот Син и Бог, како што потврдува и химнописецот: „Зашто онаа од семето Давидово, преку која ние се обоживме, славно и над разумот преминува во рацете на својот Син и Господар“. И: „Штом Несфатливиот Плод нејзин, поради Кој таа се нарече Небо, прими погребение, доброволно како смртен, како тогаш ќе го одбие погребението онаа што Го роди надумно?“
Ја ублажуваме Богородица Дева, зашто од една страна во неа благоволи да се смести Несместливиот Христос, нашиот Бог, а од друга страна нејзината смрт стана скала и премин од земјата кон Небото, како што најјасно поетски вели свети Јован Дамаскин: „Твојата смрт, Чиста, стана премин кон вечниот и подобар живот, преселувајќи те од привремениот кон навистина божествениот и непроменливиот, за во радост да Го гледаш твојот Син и Господ“.
Ја ублажуваме Богородица, зашто таа се покажа Мајка на животот и на Светлината на светот, односно на Христос, Кој рече: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14,6). „Јас сум светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот“ (Јован 8,12).
Еве, возљубени мои браќа, оваа вистина ја проповеда, ја објавува и ја сведочи празниот чудотворен Гроб, кој се наоѓа пред нашите очи, во Гетсиманиското место, каде што денес ја извршивме бескрвната Жртва, односно тајната на Божествената Евхаристија. Затоа и светата Ерусалимска Црква извикува, велејќи: „Дојдете, верни, да пристапиме кон гробот на Богородица и да ги прегрнеме, со срцето, усните, очите и челото искрено допирајќи се до него, и да црпиме изобилни дарови на исцеленија што истекуваат од неисцрпниот извор“.
По отпустот на Божествената Литургија, беше приредено послужување од страна на трудољубивиот игумен, Неговото Високопреосвештенство митрополитот еленополски г. Јоаким.
Празникот Успение на Богородица свечено беше прославен и во храмот на заедницата во селото Амбунт, со кој началствуваше Неговото Високопреосвештенство архиепископот Севастиски г. Теодосиј.























Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/leitourgiki-zoi/η-εορτη-της-κοιμησεως-της-θεοτοκου-εις/

