Празникот на Господовото Преображение особено се одбележува во манастирот „Св. Марта и Марија“ на Гората Грабарка (која се нарекува и света гора Грабарка), во Полска. Тоа свештено место им е особено при срце на православните христијани во Полска. А на празникот на Преображението, на Грабарка пристигнуваат десетици илјади верници од целата земја. Некои од нив доаѓаат во литија и од подалечни региони на Полска.
Во навечерието на празникот беше пречекан поглаварот на Полската православна црква, Митрополитот Варшавски и на цела Полска Сава. Тој пристигна заедно со други членови на Светиот архијерејски синод. Пред почетокот на сеноќното бдение, Митрополитот Сава им се обрати на присутните верници, изразувајќи ја благодарноста кон Бога за можноста повторно да се соберат на тоа свето место, кое му е драго на секој православен христијанин, за да можат да принесат благодарствени молитви за дарот на автокефалноста (оваа година Полската православна црква ја одбележува 100-годишнината од стекнувањето автокефалност). Како израз на благодарност од целата помесна Црква, во оваа јубилејна година на Грабарка се поставени сто крстови со називите на сите православни парохии во Полска.
„Продолжувајќи ја мисијата на светите браќа Кирил и Методиј Низ вековите ние сме ја одржувале нашата вера, која ја чуваме, ја живееме и за неа сме подготвени да го дадеме животот. Историјата на ова место и на нашата Црква го докажува сфаќањето на таа вера од страна на православните луѓе. Денес светот ја намалува верата, па дури и се бори против неа. Ние сме должни да имаме вера, која гори како оган, и која е цврста како камен“ – нагласи Митрополитот Сава.
Тој им се заблагодари на дојдените верници од Полска и од странство, и ги повика сите да се молат за оние кои не биле во можност да дојдат на прославата; да се молат за татковината, за целиот свет, а особено за мир во целиот свет. Јубилејните крстови беа осветени за време на вечерната богослужба. Централната Литургија ја отслужи Митрополитот Сава, во сослужение на епископите, свештенството и присутниот народ.
По прочитаното Евангелие на Литургијата, беше произнесено посланието на Архијерејскиот собор на Полската православна црква, по повод 100-годишнината од стекнувањето автокефален статус. Содржината на посланието претставува ретроспектива на сложената, но истовремено и прекрасна, историја на Православната Црква во Република Полска, и презентација на нејзините достигнувања во периодот на едновековната самостојност. Помеѓу значајните достигнувања во тој период спаѓа регулирањето на правниот статус на Црквата, што ѝ дозволува мирно да функционира во државата. Архијерејскиот собор ја изрази благодарноста кон верниците за опстојувањето во верата и во преданијата на своите предци.
Генералниот секретар на Канцеларијата на претседателот на Република Полска Војцех Коларски го прочита писмото на претседателот Андреј Дуда. Напоменуваме дека 100-годишниот јубилеј се одвива под покровителство на претседателот на Република Полска.
Прославата на светата гора Грабарка беше проследена со изложба, посветена на 100-годишнината од самостојноста на Полската православна црква. Изложбата беше подготвена од Музејот на Варшавската православна митрополија.
Извор: https://www.orthodox.pl/swiateczne-uroczystosci-na-sw-gorze-grabarce-5/