На 15 јануари, во денот на споменот на преподобниот Серафим Саровски, во женскиот манастир „Света Троица“ во Дивеево беше отслужена Божествена литургија. Таа се одржа во храмот каде што почиваат моштите на овој светител.
Богослужбата ја предводеше митрополитот Нижегородски и Арзамаски Георгиј, во сослужение на повеќе архијереи на Руската православна црква.
Во храмот, заедно со поклониците и верниците, се молеа игуменијата на Дивеевскиот манастир, игуменија Сергија (Конкова) со сестрите од манастирот.
На богослужбата присуствуваа заменик-гувернерот на Нижегородската област Петар Баников, заменик-генералниот директор за развој на производствениот систем на Државната корпорација „Росатом“ Сергеј Обозов, директорот на Рускиот научен институт за нуклеарна физика Валентин Костјуков и заменик-директорот на институтот Јуриј Јакимов.
По завршувањето на литургијата, игуменијата на Дивеевскиот манастир им се заблагодари на архипастирите и особено на митрополитот Георгиј за извршената богослужба.
Поглаварот на Нижегородската митрополија ѝ се заблагодари на игуменијата Сергија и им го честиташе сите денот на споменот на преподобниот Серафим Саровски, истакнувајќи: „Преподобниот Серафим ни покажа пример на особена молитва и посебно духовно дејствување. Неговите подвизи во осаменост им биле непознати на луѓето, но Му биле познати на Господ, кој го дарувал отец Серафим со даровите на благодатта на Светиот Дух. Тој се удостоил да биде извршител на волјата на самата Небесна Царица, која го избрала тогаш никому непознатото селце Дивеево за место каде што ќе биде Четвртиот Нејзин Удел на земјата. Со грижите на светителот била создадена женската заедница Мелничка, која потоа заедно со Казанската го поставила почетокот на Дивеевската обител. Денес моштите на преподобниот почиваат тука, како што прозорливо говорел самиот отец Серафим за време на својот живот. Многубројни поклоници од сите градови и места доаѓаат тука за да добијат помош и утеха, да ја почувствуваат особената духовна атмосфера на ова место, а некои од нив, дојдени тука еднаш, сфаќаат дека сакаат да Му го посветат својот живот на Господ и го поврзуваат со Дивеевската обител. Ѝ благодарам на игуманијата и на дивеевските сестри за создавањето на духовниот живот тука, за тоа што ги чувате заветите на преподобниот Серафим Саровски и другите светители со кои се прослави дивеевската земја. Не престанувам да повторувам дека можеме да градиме храмови, но ако во нашата душа не се создава Царството Божјо и ние не се стремиме кон него, разбирајќи дека сите наши трудови се прават заради Господ, тогаш сè е напразно. Посакувам по молитвите на отец Серафим секогаш да наоѓате одговори на вашите прашања, да стекнувате мир на духот и радост од молитвата. Нека благословот Божји секогаш биде со вас.“
Преподобниот Серафим Саровски се упокоил во ноќта на 2/15 јануари 1833 година. Тој се преселил кај Господ тивко, за време на ноќната молитва, стоејќи на колена.
Црквата го прибројала Серафим Саровски кон ликот на светите во 1903 година. На 19 јули истата година, во присуство на царското семејство, моштите на светителот биле отворени за сеопшто почитување.
Второто пронаоѓање на моштите на светиот Серафим, по загубата во советско време, се случило на 15 јануари 1991 година.
Во есента 1990 година во резервните фондови на Музејот за историја на религијата во Ленинград биле најдени непознати останки, кои по црковното сведочење биле признаени како мошти на преподобниот Серафим.
Во јануари 1991 година тие биле пренесени од Александро-Невската лавра во Москва, во Богојавленската црква. На 1 август истата година моштите со литија биле донесени во Дивеевскиот манастир.



















