Во саботата, на 25 јули годинава, во женскиот манастир посветен на светата великомаченичка Екатерина во Залешани, во Полска, се одржаа свечености по повод празникот на Залешанската икона на Пресвета Богородица и светите Подласки маченици.
Прославата започна во петокот, на 24 јули, со пречек на Неговото Високопреосвештенство, архиепископот Белски Григориј. Потоа архијерејот началствуваше на сеноќното бдение, сослужувајќи со бројно свештенство, во присуство на многубројни поклоници.
Празничниот ден започна со акатист кон Пресвета Богородица. Потоа следуваше свечен пречек на архијереите: Неговото Блаженство, митрополитот Варшавски и на цела Послка Сава, поглавар на Полската Православна Црква, во сослужение со архиепископот Белски Григориј, епископот Супраски Андреј и епископот Семјатички Варсонофиј, заедно со свештенството. Архијереите ги поздравија градоначалникот на Клешчели, Мирослав Маркјевич, како и младите кои им помагаат на монахињите.
На почетокот се обрати митрополитот Сава, кој рече:
„Споменот на нашите свети предци долго време не беше достојно одбележуван. На почетокот тука имаше само споменик. Потоа наложив да се постави крст. Највеличествениот споменик ќе биде храмот што го градат сестрите – храм во кој ќе се молиме заедно со нашите маченички пострадени предци (…). Се наоѓаме на место што дарува духовна сила. Секоја капка крв на маченикот е нов дар на животот. Секој маченик е ново семе. На ова место сме сведоци на преобраќања, исцеленија, молитва и покајание. Да се грижиме за ова свето место, а таа побожна грижа ќе ги зацврстува нашите семејства и нашата Црква.
Нека ни помага Едниот Бог во Света Троица, Пресвета Богородица и светите Залешански и Подласки маченици, дарувајќи им здравје и мир на нашите домови, нашите семејства, нашата татковина и на целиот свет. Нека Нему Му биде слава.“
Потоа беше отслужена света Литургија, на која многу верници се причестија со Светите Христови Тајни.
По завршувањето на Литургијата, Неговото Блаженство, митрополитот Сава, ѝ заблагодари на игуменијата Екатерина, на свештенството, на претставниците на локалната власт и на сите верници. Во своето завршно обраќање тој истакна:
„Да имаме вера, драги браќа и сестри, и Бог ќе ни помогне. Човеку на XXI век, кој и да си, запомни: Бог не дозволува да биде исмејуван. Можеме да Го навредуваме. Може да ни се чини дека Го победуваме. Но тоа е само заблуда. Никој не е како Бог! Ви благодарам што сте свесни за тоа. Ви благодарам за вашето молитвено присуство.“
Традиционално, по Литургијата се одржа литија со Залешанската икона на Пресвета Богородица до крстот што ги одбележува трагичните настани во Залешани од јануари 1946 година.










Извор: https://www.orthodox.pl/swiateczne-uroczystosci-w-zaleszanach/
