Со особена свеченост беа одбележани празничните богослужбени чествувања на митрополијата Дринуполска, Погонијанска и Коничка на Црквата на Грција во чест на свети Паисиј Светогорец, во градот Коница, каде што израснал овој современ светител на Православната Црква – известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“.
Во пресрет на празникот, во храмот посветен на свети Козма Етолски, беше отслужена свечена архиерејска вечерна богослужба, со која началствуваше митрополитот Костурски г. Калиник. Во молитвеното сослужение учествуваа и митрополитот Навпактски и на Свети Власиј г. Јеротеј, како и домаќинот на прославата, митрополитот Дринуполски, Погонијански и Конички г. Алексиј.
Во својата беседа, митрополитот Калиник го претстави свети Паисиј како живо сведоштво за Божјото присуство во светот. Тој нагласи дека животот на светителот бил „применета теологија“, бидејќи љубовта кај него се пројавувала како саможртвена служба исполнета со смирение и благородно човекољубие, без никакво очекување за возврат. „Животот на Свети Паисиј постојано нè потсетува дека вистинската христијанска љубов не се темели на барање права, туку на слободно и жртвено принесување себеси за ближниот“, истакна митрополитот.
Потоа следуваше свечена литија со иконата на свети Паисиј, во која учествуваа свештенството, претставници на државните и воените власти и голем број верници. Литијата помина и покрај куќата на светителот.
На самиот празник беше отслужена архиерејска Божествена Литургија, со која началствуваше митрополитот Јеротеј, кој ја одржа и празничната беседа. Тој се присети на своето присуство пред години на осветувањето на храмот „Св. Козма Етолски“, како духовно чедо на блаженоупокоениот митрополит Дринуполски, Погонијански и Конички Севастијан. Во продолжение, митрополитот го опиша свети Паисиј како единствен светски духовен феномен во животот на Црквата, нагласувајќи дека тоа се должи на три главни причини: неговата богословска изграденост како човек создаден „според образот Божји“ и повикан кон „подобието“ во Црквата; благословената средина на Кападокија, а потоа и Епир, која го воспитала во духот на православната традиција, подвижништвото и благородното човекољубие; како и неговата слободна соработка со Божјата благодат. Завршувајќи го своето слово, митрополитот ја истакна непреодната поука на свети Паисиј за благородното човекољубие, духовната возвишеност и храброста, особено во миговите на духовни искушенија.
По завршувањето на Светата литургија, во салата на Општината Коница, митрополитот Јеротеј одржа предавање на тема: „Моите средби со Свети Паисиј“.







