Прославена 35-годишнината од воспоставувањето на општежителниот поредок во Хиландар

На 14 октомври годинава, на празникот Покров на Пресвета Богородица се навршија 35 години од враќањето на општежителниот поредок во светогорскиот манастир Хиландар, по речиси два века идиоритмија.

По тој повод, хиландарското братство заеднички и молитвено го одбележа овој историски момент заедно со монаси од други светогорски манастири, како и од Србија и Црна Гора.

Прославата ја возвеличија бројни гости – Неговото Преосвештенство епископот Моравички г. Тихон, викар на Неговата Светост Српскиот патријарх г. Порфириј, игумените на манастирите Суково и Ковиљ, во Србија, отците Серафим и Харитон и на манастирот Подмаине во Црна Гора, о. Рафаило, потоа јеромонах Силуан од светогорскиот манастир Григоријат, како и монаси од Високи Дечани, Острог и манастирот „Св. Роман“. Поголемиот дел од гостите пристигнаа во манастирот во саботата, на 11 октомври.

Свечената прослава започна со сеноќно бдение во чест на Пресвета Богородица, игуманијата на манастирот Хиландар, кое оваа година беше особено свечено поради учеството на архијереи и монаси од најголемите манастири на Српската Православна Црква. Ноќното богослужение продолжи со света архиерејска Литургија во хиландарскиот соборен храм, со која началствуваше Преосвештениот епископ Тихон, како претставник на Српскиот Патријарх.

На крајот од Литургијата беше осветено празничното коливо со ликот на Богородица, по што беше послужена голема славска трпеза за сите присутни.

Извор: https://www.hilandar.org/proslavljen-pokrov-presvete-bogorodice-i-obelezena-35-godisnjica-uspostavljanja-opstezica/