Прославување на нова светителка во Украинската Православна Црква

На 31 август 2026 година, на денот на споменот на светите маченици Флор и Лавр, Неговото Блаженство Митрополит Киевски и на цела Украина Онуфриј ја предводеше Божествената Литургија во Вознесенскиот Флоровски женски манастир во Киев. За ова известува Информативно-просветниот оддел на Украинската Православна Црква.

За време на богослужбата беше извршен чинот на прославување во ликот на светителите на блажена Олга Киевско-Флоровска (Кочановска), јуродива заради Христа.

На Предстојателот му сослужуваа: Митрополитот Вишегородски и Чернобилски Павел, претседателот на Информативно-просветниот оддел на Украинската Православна Црква, Митрополитот Нижински и Прилучки Климент, Митрополитот Василковски Јоасаф, Архиепископот Доброполски Спиридон, Архиепископот Бородјански Марко, свештенството на манастирот и гости во свештенички чин. На богослужбата се молеа и сестрите, предводени од игуманијата на манастирот, игуменија Евлампија (Елисејкина).

По традиција, пред чинот на прославувањето беше извршена последната заупокоена служба за блажена Олга.

Потоа Митрополитот Климент ја прочита одлуката на Светиот Синод за локалното прославување на светителката. Синодот на Украинската Православна Црква донесе одлука за воспоставување почитување на блажена Олга, го утврди иконописниот лик на светителката, како и текстовите на службата и акатистот. Споменот на блажена Олга е определено да се празнува на 16/29 октомври, на денот на нејзиното упокојување.

Митрополитот Павел го прочита житието на блажена Олга, по што на светителката ѝ беа испеани тропарот, кондакот и величанието, а верниците се поклонија пред нејзината икона.

По читањето на светото Евангелие, Блажениот Владика му се обрати на народот со проповед.

За време на богослужбата се молеа за мир на украинската земја; за избавување од непријателот; Господ да се смилува над народот и да ги зачува оние што се во очај и останале без своите домови; како и за Божји благослов на луѓето со добра волја кои им помагаат на оние што имаат потреба.

Предстојателот го молеше Бога за милост кон украинскиот народ, Господ да ги вразуми властите, да им даде храброст на војниците, да ги ослободи заробените, да ги исцели болните и да им даде засолниште на оние што останале без дом.

По отпустот, Неговото Блаженство им го честиташе празникот на верниците и го благослови народот.

Кратко житие на блажената Олга Киевско-Флоровска

Блажена Олга Киевско-Флоровска (Кочановска, 1887–1971) била подвижничка од ХХ век. Потекнувала од благородничко семејство и стекнала одлично образование, но по чудесното јавување на Пресвета Богородица целосно го променила својот живот. Во 1905 година, кога имала 18 години, со благослов на Глинските старци дошла во Киевскиот Флоровски манастир. Таму светителката поминала повеќе од 60 години во молитва, смирение и подвиг.

Под маската на јуродивство и необично однесување, блажената старица ги криела големите дарови на Светиот Дух — прозорливост, дар на исцелување и чудотворење. Во тешките времиња на советските прогони и затворањето на храмовите, монахињата Олга била живо средиште на верата; кај неа луѓето се обраќале за духовна утеха, совети и молитвена помош.

Блажената однапред го предвидела денот на својата смрт и се упокоила во Господа на 29 октомври 1971 година. Била погребана на Зверинецките гробишта во Киев. Пред смртта им оставила аманет на верниците да доаѓаат на нејзиниот гроб, ветувајќи дека ќе се моли за секој што ќе ја памети.

Предстоятель очолив чин прославлення у лику святих блаженної Ольги Києво-ФлорівськоїПредстоятель очолив чин прославлення у лику святих блаженної Ольги Києво-Флорівської

Извор: https://uoc-news.church/2026/08/31/predstoyatel-ocholiv-chin-proslavlennya-u-liku-svyatix-blazhennoji-olgi-kijevo-florivskoji/