Прославување на свети Арсениј (Бока)

Дваесет и осум епископи на Романската Православна Црква во петок, на 28 ноември, отслужија Божествена Литургија во манастирот Прислоп во округот Хунедоара, по што следеше локалното прогласување на канонизацијата на свети Арсениј (Бока) од Прислоп, еден од највозљубените романски светители од изминатиот век.

Свети Арсение беше еден од 16-те маченици, исповедници и подвижници од 20 век, канонизирани од Романската Православна Црква во јули 2024 година. Нивното заедничко прославување беше одбележано во февруари оваа година, а секој од светителите е исто така чествуван и со локално прославување на местото каде што се подвизувал.

По Литургијата, Неговото Преосвештенство, епископ Андреј на Ковасна и Харѓита, го прочита томосот со кој се прогласува канонизацијата, а беше претставена и официјалната икона на Св. Арсение од Прислоп, одобрена од Светиот Синод, известува романската црковна информативна агенција „Базилика“.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Иринеј на Олтенија произнесе беседа, зборувајќи за Христовите зборови: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“, и објаснувајќи како свети Арсение Го следел Христос. „Навистина, свети Арсениј од Прислоп Го следеше Христос Спасителот, Кој е Патот, Вистината и Животот. За тоа Бог го прослави и му даде име кое денес го имаме во календарот и кое го почитуваме“ – рече митрополитот Иринеј.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Лаврентиј на Трансилванија објасни дека процесот на канонизација започнува со народната побожност манифестирана низ времето и со сведоштва за чуда. За свети Арсениј, „чудата се запишани и се многубројни“, забележа тој. Најголемото чудо „е фактот што сме овде денес, фактот што нешто нè привлече како магнет, фактот што, пристигнувајќи на ова благословено место, ја чувствуваме Божјата благодат и ја чувствуваме помошта и застапништвото на нашиот отец-заштитник“ – рече тој.

Шеснаесетте светители канонизирани во 2025 година, јубилејната стогодишнина на Романската Патријаршија, се „сведоштва дека нашата Црква е жива Црква, осветувачка Црква која раѓа светители,“ додаде митрополитот Лаврентиј.

Неговото Преосвештенство, епископ Нестор на Дева и Хунедоара, кој беше домаќин на настанот, изјави дека Светиот Синод „само го утврди она што многу одамна се беше вкоренило во колективната меморија на народот, преку посебната почит што огромното мноштво верници му ја укажува на свети Арсениј“.

Митрополитот Лаврентиј им се заблагодари на верниците што го издржаа времето за да учествуваат, нарекувајќи го настанот „преголемо искуство, она на Божјиот дар и радоста на исполнувањето и средбата со оној кој од вас – не од свештениците, туку од вас, верниот народ – беше наречен светителот на Трансилванија.“

Старецот Арсениј, кој се упокои во 1989 година, беше еден од големите романски духовни отци во времето на комунизмот и денес се почитува како светител. Илјадници годишно одат на поклоничко патување до неговиот гроб во манастирот Прислоп во Силвашу де Сус, а неговите слики се сметаат за благослов.

Барем еден таков негов портрет, купен во манастирот Прислоп, чудесно почнал да солзи во мај 2015 година. Познато е и друго чудо кај неговиот гроб: Иако таму температурите може да бидат исклучително ниски, често достигнувајќи -5 степени, сите цветови што растат на неговиот гроб ниту венеат ниту замрзнуваат од екстремниот студ, туку остануваат целосно расцутени. Од зима до лето, гробот на старецот е полн со расцутени, шарени, миризливи цветови.

Извор: https://basilica.ro/mitropolitul-irineu-sf-arsenie-de-la-prislop-l-a-urmat-pe-mantuitorul-hristos/ преку: https://orthochristian.com/174236.html