Протест против антихристијанска изложба во Грција

Со свечената литија на моштите на света Теодора, царицата која го возобнови почитувањето на светите икони, беше одбележана Неделата на Православието на островот Крф, во Грција.

Во Митрополитскиот храм на Пресвета Богородица Спилеотиса, каде што се чуваат светите мошти на светителката, беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија, на која началствуваше Високопреосвештениот Митрополит Врестена г. Теоклит, сослужувајќи со епископот-домаќин, Високопреосвештениот Митрополит Керкирски, Паксијски и Диапонтски г. Нектариј. Потоа, според традицијата, со учество на голем број верници, моштите на Света Теодора беа пронесени во литија, заедно со чудотворната икона на Пресвета Богородица Димосијана, додека свештениците носеа икони во своите раце, како што налага овој празничен ден.

Синодикот на Православието беше прочитан пред храмот на Пресвета Богородица Ксена, а во краткиот говор Високопреосвештениот Митрополит Керкирски г. Нектариј подвлече дека, според зборовите на Свети Јован Златоуст, „Црквата може да биде потресена, но нема да потоне“.

Многумина се обиделе да ја уништат Црквата, од раното христијанство до нашево време, било да се од Истокот или од Западот, но „вратите на пеколот нема да ја надвладеат“. Црквата е основана од нашиот Господ преку Неговата крстна жртва.

По Него следеа многу маченици и светии, кои се бореа за верата и за нејзините вистини. Ние одиме по истиот распнат пат, патот на прогоните, но и патот на Воскресението.

Денес, повторно се појавуваат искушенија кои преку луѓето работат на намалување на влијанието на Црквата, на клеветење на вистината и на потценување на светото.

Високопреосвештениот г. Нектариј изјави дословно:

„Преку интернет дознав дека овие денови, со толеранција од Министерството за култура, во Националната галерија се одржува изложба со срамен содржина, каде што се исмејуваат иконите на Бога, Свети Ѓорѓи, Распетието на Господ на Голгота, Свети Христофор, Пресвета Богородица. А не само тоа, туку има и слика на која, според нивниот таканаречен културен концепт, епископот и светиот клир се фрлени во ѓубрарник. Ова ли е сфаќањето што преовладува во нашата држава и во Министерството за култура? Ова ли е сликата на Бога, кој се навредува и се симнува од своето место, не само во лицата на светителите, туку и на луѓето? Што направил светиот клир за нашата татковина? Што направила нашата православна вера, која го одржала единството на овој народ, кој претрпе многубројни напади? Тагува моето срце. Затоа се обраќам до вас, чесни власти што ја претставувате државата, и ве молам да го пренесете ова мое послание и тагата на моето срце. Нема да ја прифатиме оваа исмејувачка претстава. Нашата татковина живее и е основана врз оваа беспрекорна и непроменета вера. Не може некој да го оддели вистинскиот Грк од православниот христијанин. Нека го земат тоа предвид сите оние што сакаат да ја урнат сликата на Бога и на човекот кој Бог ни го подари.“

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/68316-diamartyria-kerkyras-nektariou-gia-antixristianiki-ekthesi-foto