Прва литургиска прослава на новопрославените маченици од Гаравице во Српската Православна Црква

Прогласувањето и литургиската прослава на новопрославените маченици од Гаравице и Бихаќко-Цазинскиот регион беше одбележано овој викенд во храмовите во Бихаќ, Босна и Херцеговина. Ова беше првото официјално чествување на светителите откако беа канонизирани на мајската сесија на Светиот Архијерејски Сабор на Српската Православна Црква.

Неговото Преосвештенство Епископот Сергиј од Бихаќко-петровачката епархија отслужи вечерна богослужба во саботата навечер во храмот „Света Троица“ во Бихаќ, започнувајќи ја првата литургиска прослава на новопрославените маченици. Во својата беседа, епископот Сергије им рече на верниците дека заедно влегуваат во историјата, бидејќи сведочат на првата прослава на новите светии и маченици..

„По 84 години, успеавме преку искрените молитви и љубов да ги прославиме овие нови маченици, кои уште од 1941 година се прославени на Небото како маченици. Историјата на светот е во Божји раце, а наша е задачата да ги прославуваме светите Божји слуги“ – рече Преосвештениот.

Епископот нагласи дека српскиот народ во овој крај претрпел големи страдања, не само во 1941 година, туку и по неа, и дека долго време било забрането да се зборува за тоа. „84 години владееше голема тишина. Постоеше забрана да се зборува, да се истражува и да се испитува мачеништвото, исповедништвото и страдањето на светите Божји слуги – нашите сонародници. Но, повеќе нема да молчиме“ – рече епископот Сергиј.

Во неделата беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија во храмот „Слегување на Светиот Дух врз Апостолите“ во Бихаќ. На Литургијата сослужуваа свештеници од повеќе епархии.

По заамвоната молитва беше извршен обредот на благословување на славскиот колач, а на крајот од Литургијата новопрославените маченици беа свечено прогласени преку читање на одлуката на Светиот Архијерејски Сабор и издигнување на иконата на Мачениците од Гаравице и Бихаќко-Цазинскиот крај.

Во селото Гаравице, кај Бихаќ, усташите убиле 12.000 Срби во периодот од 28 јули до 4 август 1941 година, вклучително и голем број деца. Според британски извори, во Гаравице за три месеци биле убиени 14.500 цивили, што го прави ова место второ по број на жртви во Босна и Херцеговина за време на Втората светска војна.

По Литургијата во црковниот двор беше подготвена трпеза на љубовта.

Извор: https://www.eparhijabihackopetrovacka.org/prvo-liturgijsko-proslavljanje-novomucenika-garavickih-i-bihacko-cazinskih/ преку: https://orthochristian.com/171629.html