Новоизбраниот Синајски архиепископ Симеон го посети Атинскиот архиепископ Јероним во рамките на протоколарна средба, во Атина. „Ви благодариме и вам и на Црквата на Грција за поддршката“, беа неговите први зборови при средбата во кабинетот на архиепископот Јероним.
Архиепископот Јероним нагласи: „Искушенијата се за луѓето. Да го гледаме ова како едно искушение кое, за среќа, помина,“ имајќи ја предвид неодамнешната криза низ која помина Синајското братство.
По средбата, поглаварите дадоа изјава за новинарите.
Веднаш по средбата, архиепископот Јероним изјави: „Многу сум радосен денес што го видов новоизбраниот пастир на древниот манастир на Синај, еден исклучителен брат и сопатник.“ Како што посочи, имале можност да разменат мислења за историјата и за актуелните настани, додека му посака „да има сила и трпение, за да ја создаде духовната атмосфера која сите ја посакуваме во манастирот на Синај, како и добра сила и успех во продолжението на неговото мисионерско дело.“
Од своја страна, отец Симеон искрено му се заблагодари на Неговото Блаженство и на Црквата на Грција за нивната поддршка кон Синајското братство. Тој нагласи дека „во личноста на Архиепископот и на Црквата на Грција секогаш наоѓаме силен поддржувач, и духовно и материјално, кога ќе биде потребно,“ потенцирајќи дека „во целата неодамнешна криза, Црквата на Грција беше нашиот најискрен поддржувач.“
Новоизбраниот архиепископ на Синај забележа дека молитвите и поддршката од Архиепископот, од архијереите, од свештенството, како и од верниците на Црквата на Грција „ни даваат надеж и сигурност дека Бог нема да дозволи манастирот да биде изложен на опасност ниту да се создадат тешкотии за братството.“

