Прва Божествена литургија на азербејџански јазик

Во катедралниот храм на светите жени-мироносици во градот Баку, престолнината на Азербејџан, на 15 декември 2025 година беше отслужена првата во историјата Божествена литургија на азербејџански јазик. Работата на преводот на молитвените и богослужбените текстови на азербејџански јазик започна во 2022 година, со благослов на в.д. адрминистраторот на епархијата на Баку, архиепископот Пјатигорски и Черкески Теофилакт. Во март 2024 година беше објавен православен молитвеник на азербејџански јазик, а работата на преводот на молитвените текстови продолжи со благослов и со активна поддршка на епископот на Баку и Азербејџан Алексиј. На азербејџански јазик беа преведени службите на крштение и миропомазание, опелото (панихида) и низа акатисти.

Паралелно со преводите се одвиваше и сложената работа на нотирање на песнопенијата од Божествената литургија, која ја изврши регентот на Владимирскиот собор во градот Ставропол, родум од Баку, Емил Мирзоев. Тоа овозможи да се изврши првата во историјата православна литургија на азербејџански јазик.

Со богослужбата началствуваше настојателот на катедралниот храм на светите жени-мироносици во Баку, протојереј Дионисиј Свечников, во присуство на епископот на Баку и Азербејџан Алексиј.

Песнопенијата на Божествената литургија ги изведоа певците на катедралниот храм. Во храмот се молеа православни Азербејџанци, за кои можноста да ја слушнат целата литургија на својот мајчин јазик претставуваше голема радост.

Извор: https://pravoslavie.az/newses/news/?id=15313