Првиот телефонски повик на новата амбасадорка на САД во Грција беше до Архиепископот Јероним

Како што откри самата Кимберли Гилфојл, во моментот кога ѝ било понудено да ја преземе функцијата амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Грција, првиот телефонски повик што го направила бил до Неговото Блаженство Архиепископот Атински и на цела Грција г.г. Јероним. Имено, според неа, поглаварот на Црквата на Грција одиграл „значајна улога“ во одлуката да ја прифати понудата од американската влада.

Ова беше обзнането за време на нејзина официјална посета на Атинската Архиепископија на 13 ноември годинава, која означува започнување на нов период во грчко-американските односи, земајќи ја предвид и зголемената дипломатска активност што ја бележат институционалните тела како Министерството за надворешни работи – известува грчкиот црковен портал „Вима Ортодоксиас“.

По пристигнувањето во просториите на Синодот, новата амбасадорка имаше краток, но срдечен разговор со Архиепископот. „Прекрасно е што Ве запознав, Бог да Ве благослови“, рече г-ѓа Гилфојл со насмевка, а од своја страна Неговото Блаженство ја пречека со учтивост и едноставност: „Да Ви биде убаво во Грција. Посакувам нашата средба да биде плодотворна.“ Потоа, г-ѓа Гилфојл се осврна и на клучната улога што ја има Црквата на Грција во општествената кохезија, изразувајќи ја својата намера да одржи отворени канали на соработка со сите институции на земјата, како и со Белата куќа, од која добива редовни инструкции за својата дипломатска работа.

Како што пренесуваат извори од Архиепископијата, средбата се одвивала во особено позитивна атмосфера, при што двете страни размениле мислења за општествени прашања, меѓународната состојба и улогата на Црквата во периоди на геополитички потреси.

Официјалната интернет страница на Црквата на Грција известува дека Архиепископот ја изразил својата радост за посетата на Амбасадорката, истакнувајќи го трајното пријателство меѓу Грција и Америка. Тој побара од амбасадорката да му ја пренесе неговата благодарност на Претседателот Трамп и да го замоли да помогне во завршувањето на војните и поделбите, особено во манастирот „Св. Екатерина“ на Синај, кој е центар на Православието и на Христијанството и се наоѓа на врвот на неговите интереси.

Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=3953 и https://www.vimaorthodoxias.gr/ekklisia-tis-ellados/apokalypsi-to-proto-tilefonima-tis-neas-presveiras-ton-ipa-itan-ston-archiepiskopo-ieronymo/