Првото православно христијанско основно училиште во Шкотска се отвори во Единбург, нудејќи им на учениците традиционално, верски засновано образование, вкоренето во класичното учење.
Православното училиште „Св. Андреј“, сместено во црквата „Крегмилар парк“ во населбата Њувингтон, ги пречека своите први ученици во септември годинава, откако доби одобрение од шкотските власти. Училиштето е основано од родители од областа Лотијан, со поддршка од православната црква „Св. Андреј“ и од Православната Архиепископија на Тијатеир и Велика Британија на Цариградската Патријаршија, известува шкотскиот весник „Скотсман“. Православната заедница „Св. Андреј“ во Единбург постои од 1948 година. Богослужбите се одржуваат претежно на англиски јазик, но и на грчки, црковнословенски и романски.
Новото училиште ја обединува силната православна христијанска духовност со „класичен“ наставен план, инспириран од методите на античка Грција. Учениците изучуваат традиционални предмети како математика, природни науки, јазици (вклучувајќи латински) и историја — која опфаќа сè, од античките цивилизации до шкотското наследство.
„Нашето мало училиште започна во рамките на нашата парохиска заедница“, изјави д-р Фотини Хамплова, директорка на академската програма и мајка на пет деца од Пеникуик. „Сакавме да им обезбедиме најдобро можно образование на нашите деца, и пресреќни сме што овој сон стана реалност.“
Д-р Хамплова, која потекнува од Кипар, има докторска титула по сократовско образование од Универзитетот во Единбург. Таа објасни дека наставната програма на училиштето е „строга и богата со содржина“, со силен фокус на знаење, игра и секојдневна физичка активност. Училиштето не задава домашни задачи, со што им овозможува на семејствата повеќе време заедно, а наставата физичко воспитување има секој ден.
„Св. Андреј“ е исто така училиште без висока технологија. Компјутери се користат само на часовите по информатика, а „паметни телефони“ не се дозволени. Училиштето верува дека ваквиот пристап им помага на децата да развијат концентрација, социјални вештини и љубов кон учењето.
„Нашата цел е да понудиме врвно образование со прифатливи трошоци, во радосна и позитивна средина“, рече д-р Хамплова. „Вклучуваме многу слободна игра и поттикнуваме пријателства, сето тоа во христијански дух.“
Училиштето е отворено за деца од сите средини, а секој ден има молитви и се обележуваат христијанските традиции. Училиштето се води од библиско мото: „Ова ви го реков, за да остане во вас Мојата радост, и вашата радост да биде полна“ (Јн. 15, 11)
Православното училиште „Св. Андреј“ ќе го одржи својот прв ден на отворени врати во сабота, на 1 ноември.
Извор: https://www.scotsman.com/news/scotlands-first-orthodox-christian-primary-school-opens-edinburgh-5372737 и https://saintandrewsorthodoxchurchschool.org.uk/
