Ракополагање на епископот Диоклиски Паисиј, викар на Митрополитот Црногорско-приморски

Во неделата на 22 септември 2024 година, Неговата Светост Српскиот Патријарх г. Порфириј, началствуваше на светата Литургија и на свечениот чин на хиротонија на избраниот и наречен архимандрит Паисиј во епископ на Диоклиската епархија, викар на Митрополитот Црногорско-приморски, во храмот „Свети Сава“ во Белград. 

На торжествената Света Литургија под сводовите на заветниот храм, на Патријархот Порфириј му сослужуваа Митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и Епископот Дељадровско-илинденски Јоаким од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, заедно со Високопреосвештените митрополити: Тверски и Кашински Амвросиј од Руската православна црква, Ловчанскиот Гавриил од Бугарската православна црква, Крфскиот Нектариј од Православната црква на Грција, и архијереите на Српската православна црква: Црногорско-приморскиот Јоаникиј, Сремскиот Василиј, Бачкиот Иринеј, Жичкиот Јустин, Врањскиот Пахомиј, Браничевскиот Игнатиј, Милешевскиот Атанасиј, Рашко-призренскиот Теодосиј, Нишкиот Арсениј и Захумско-херцеговскиот Димитриј, Пакрачкиот и Славонски Јован, Бихаќко-петровачкиот Сергиј, Осечкопољскиот и Барањски Херувим, Будимљанско-никшичкиот Методиј, Шабачкиот Јеротеј, Јегарскиот и изабран Лондонски и Британско-ирски Нектариј, Мохачкиот Дамаскин, Хвостанскиот Алексеј, Новобрдскиот Иларион, Топличкиот Петар, Јенопољскиот Никон, Моравичкиот Тихон и умировениот канадски Георгиј.

На оваа Литургија сослужуваа и многу други свештеници и монаси од различни манастири и епархии, меѓу кои и игумените на манастирите Хиландар и Острог.

После читањето на Евангелието, Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј одржа беседа во која ја истакна важноста на епископската хиротонија како Светодуховен настан: „Тоа што се случило еднаш, кога Господ ја устројувал Својата Црква, има вечна вредност и вечна реалност. Ние го доживеавме тој настан преку оваа света служба, преку призивот на Светиот Дух од устата на Неговата Светост, архијереите и верниот народ, и станавме учесници во настанот на нашето спасение.“

На крајот на Светата Архиерејска Литургија, Патријархот Порфириј му упати отечка поука на новоракоположениот епископ Паисиј за значењето на неговата нова служба. „Во Црквата сè е устроено според редот и поредокот, за да биде благообразно, според зборовите на Евангелието. Во Црквата има апсолутна и потполна слобода, но истовремено и послушание кон волјата на Христос, што не е ограничување, туку вистинска слобода.“

На крајот од поуката, Патријархот му го предаде архијерејскиот жезол на епископот Паисиј со зборовите: „Прими го овој жезол за да го пасеш стадо Христово кое ти е доверено! На послушните нека им биде потпора и поддршка, а непослушните поучувај ги со кротко воспитување во Христа Господа.“

Епископот Диоклиски Паисиј потоа ја одржа својата прва архијерејска беседа, во која истакна: „Во овој свет мора да сме подготвени за борба, бидејќи таа неизбежно претстои, доколку сакаме да се зачуваме на спасителниот кораб на Црквата, кој е единствено сигурно прибежиште.“

Извор: https://spc.rs/hirotonija-episkopa-dioklijskog-pajsija-vikara-mitropolita-crnogorsko-primorskog/