На 30 јуни, Рашко-призренската епархија на Српската православна црква Црква на Косово и Метохија поднесе трета кривична пријава против Никола Џуфка, државјанин на Република Албанија, кој лажно се претставува како православен епископ и против кого веќе се водат две постапки за истото кривично дело. Жалбата до косовското обвинителство во Приштина ја поднесе ополномоштено лице на епархијата, известува официјалната интернет страница на епархијата.
Спомнатиот Никола Џуфка повторно го скршил катанецот на црквата „Свети Архангел Михаил“ (изградена во XIV век) и по третпат незаконски ја зазел црквата – сопственост на Рашко-призренската епархија, која сака да ја присвои за својата лажна организација. Како што претходно известивме, Никола Џуфка лажно се претставува како свештено лице, иако не е и ниту една православна црква не го признала како таков, а во Албанија често е критикуван во медиумите заради ширење омраза и нетрпеливост.
Рашко-призренската епархија апелира до целата меѓународна заедница да влијае врз косовските судски институции конечно да вложат основен минимум работа и волја за наша заштита, заштита што ѝ е загарантирана и на Српската православна црква, како и на секое лице или на друга верска организација на овој простор. Факт е дека лице од Албанија, кое несомнено шири верска омраза, може трипати неказнето да провалува во наш верски објект, кој исто така е и културно добро, и да го присвојува за својата организација, која не постои законски. Покрај тоа, преку социјалните медиуми, црта мета на членови на Српската православна црква и на Српската православна црква како целина, а косовските власти не го спречуваат во тоа веќе две години. Истовремено, Српската православна црква се бори за минимум почитување на своите права, како што се употребата на верски симболи и внатрешното уредување на своите објекти. Сето ова зборува за сериозни и систематски недостатоци на косовскиот правен систем.
„Имајќи предвид дека косовските институции постојано ни покажуваат дека не се заинтересирани за почитување на нашите права, како за минимална заштита од вакви малтретирања, така ниту за враќањето на сите права што ни беа загарантирани, а во меѓувреме ни се одземени, повикуваме што поскоро да се разгледа прашањето за правниот статус на Српската православна црква во Косово, бидејќи сега на сите им е јасно, дека нашиот опстанок на овие простори зависи од решавањето на ова прашање, од добивањето на посебни и меѓународно загарантирани права“ – завршува известувањето од епархијата.