Православен свештеник гостува на еден од најпопуларните поткасти во САД

Во својата емисија на 17 септември 2025 година, посветена на последиците од убиството на Чарли Кирк, американскиот новинар Такер Карлсон за свој гостин го имаше свештеникот Јосија Тренум од Антиохиската Патријаршија. Овие емисии на Такер Карлсон се едни од најпопуларните и најгледаните поткасти во САД.

Сакајќи да се осврне на смртта на Чарли Кирк и од духовен аспект, Карлсон во својата емисија во живо го повика о. Јосија Тренум, од храмот „Св. Андреј“ во Риверсајд, Калифорнија. Отец Јосија е ракоположен за православен свештеник во 1993 година; има докторат по теологија од Универзитетот во Дарам, Англија, а од 2004 година предава теологија и историја на истиот универзитет; автор е на бројни статии и на две книги, а држи предавања на широк спектар теолошки теми.

Отец Јосија зборуваше за христијанското гледање на смртта и за начинот на кој Православната Црква се соочува со неа. Преку прашањето за смртта, о. Јосија се надоврза и на општата духовна состојба на општеството во САД, го повика народот на покајание и враќање кон христијанските вредности, а зборуваше и за зголемениот интерес за Православието во САД.

Во продолжение пренесуваме извадоци од овој разговор кои сметаме дека се актуелни и за православните христијани во нашата татковина.


Ви благодарам многу што дојдовте, оче Тренум. Како би рекле дека треба да размислуваме што следува понатаму? Луѓето изгледа имаат засилена духовна свест во деновите по убиството на Чарли Керк. Како треба да постапиме?

Благодарам многу, Такер, што ме поканивте. Ја ценам заинтересираноста и желбата да се вклучи свештеник во оваа дискусија. Тоа е значајно. Би рекол, најнапред, дека треба да бидеме многу внимателни со извлекувањето заклучоци во овој период на голема жалост. Ние христијаните имаме 2000-годишна традиција како се соочуваме со смртта, и си даваме време. Обично 40 дена многу сериозно тагуваме. Во православната традиција, на пример, кога умира епископ или голем водач на Црквата, тој не се заменува сѐ додека не поминат 40 дена.

За да ја почитуваме оваа христијанска традиција, треба да се молиме. Обично, во православната и во католичката традиција, за време на тие 40 дена правиме добро во името на починатиот. Поточно, правиме милостиња. Даваме добри дела во негово име. Всушност, и вие тоа го правите. Можеби не сте се имале намерна да го правите тоа на традиционален христијански начин, но тоа е токму тоа што го правите кога се обидувате да ѝ помогнете на Ерика (сопругата на Чарли Кирк, заб. прев.) и да ѝ дадете поддршка. Бев многу, многу радосен кога видов дека го правите тоа, затоа што тоа е она што ние го правиме во овој период. Обично, исто така, се молиме за личноста. Ние не мислиме дека некој, кога ќе умре и веднаш направил премин во другиот живот. Некои од протестантите мислат така, не сите, но некои. Но огромното мнозинство христијани – католици, православни и некои како англиканците – всушност се молиме за душите на упокоените.

Соочување со смртта

А исто така ја учиме лекцијата на трезвеноста. Ја учиме лекцијата на смртта. Мора да размислуваме за смртта и да ја погледнеме во лице. Зашто една од главните причини зошто сме толку неразвиени, како нација, духовно гледано, е тоа што не се соочуваме со смртта. Една од причините зошто во САД имаме неверојатно духовно будење токму сега е поради Ковидот. Ковидот нѐ соочи со смртта. Ние ја криевме. Ги сместивме нашите стари луѓе, нашите родители и болните во домови за стари лица и во болници, и тие таму умираат, обично без да бидат опкружени со своите најблиски. А потоа некои христијански традиции дури прават погреби без телото. Тоа е лудост. И ни се краде тој многу важен процес на жалост и соочување со смртта. А тоа нè менува.

Во православната традиција, во православната христијанска традиција, опелото го напишал еден од големите теолози на Црквата. Се вика свети Јован Дамаскин. Живеел од 650 до 750 година. Неверојатен химнограф, неверојатен учен човек. Тој го напишал ова неверојатно опело за еден негов многу близок брат. И тоа се користи до денес, веќе 13 века.

Тоа е длабока рефлексија за несреќата на смртта, каде што Јован гледа во гробот и размислува колку е ужасно за христијанин да умре и да ја види својата душа како се одвојува од телото. А смртта е тоа – разделбата на душата од телото. Таа повеќе не го оживува телото, и телото е безживотно. И да се види телото како се распаѓа. А тој вели дека тоа им се случува и на богатите и на сиромашните на ист начин.

Кои се знаците на надеж што ги гледате сега?

Би рекол дека пред надежта, тагата за тоа што му се случи на Чарли е толку илустративна за едно влошување на нивото на насилство какво што, барем во мојот живот никогаш не сум го видел. Никогаш не сум видел вакво насилство како денес во нашите градови. Кога растев во Пасадена, јас, како младо момче, одев пеш на училиште. Мајка ми ме пушташе да бидам надвор секоја вечер додека не се запалат светилките. Кога светилките ќе се запалеа, морав да бидам дома на вечера. Ако не бев дома, ќе имав проблеми. Но таа немаше грижи. Никакви грижи. А сега, во овој последен период, особено последниве 10–15 години, насилството едноставно експлодира.

Значи, ако бараме надеж, таа не смее да биде лажна. Мора точно да ја процениме состојбата. А насилството како грев има особено сериозно место. Ако ги читаш почетните книги на Библијата, ако ја читаш книгата Битие, шестаТА глава, таму пишува дека Бог се покајал што го создал човечкиот род. Што можеле луѓето да прават за Бог да се покае што нѐ создал? Последицата, вели Мојсеј, била тоа што Тој испратил потоп и започнал одново со Ное. Му ја дал на Ное истата задача што му ја дал и на Адам: „Плодете се и множете се, наполнете ја Земјата и владејте над неа“. Зошто го направил тоа? Затоа што светот станал исполнет со насилство. Кога напаѓаш друг човек, Го напаѓаш Бога, затоа што секој човек е создаден според образот Божји. Така што да нападнеш човек е директна навреда на Бога. Насилството е крајно сериозно. И јас не сум изненаден што имаме толку насилство во култура која убива неродени деца, со таква стапка, и тоа со децении. Да, навистина, дали нѐ изненадува какво било насилство?

Иднината е во покајанието и враќањето кон верата

Би рекол дека без вербата во тоа дека Бог е милостив и дека го љуби човекот и дека нема грев толку голем што, ако се покаеме, Тој нема да ја испрати Својата љубов и простување – без таа вера, сигурно немаме иднина. Статистиките за нашата земја се ужасни. Толку сме заробени од една идеологија без надеж. Атеизам, строг секуларизам, кој сега ја води нашата земја. Тоа е крајно безнадежно.

Без големо преиспитување од страна на нашиот народ, без враќање кон класичните американски доблести, без обновување на христијанската вера – без тоа, сигурно сме осудени. Но, од христијанската историја знаеме дека е можно покајание. И тоа обично бара, на национално ниво, водство. Водство подготвено да ги адресира најважните прашања во срцето на националната катастрофа. А ние живееме во национална катастрофа. Ја изгубивме нашата вера во Бога. Сите институции ни се заробени од строг секуларизам. Нашиот закон е безбожен. Нашите универзитети Го исклучија Бога. Нашата земја отиде во една многу, многу длабока дупка. Ако сакаме да излеземе, ако сакаме надеж како нација, ни треба водство – водство како Џорџ Вашингтон. Мислам дека нашите предци се срамат. Моите баба и дедо во Америка – тие се срамат од тоа каде сме како нација. Нашиот однос кон верата, нашата јасна посветеност кон Бога – исклучувајќи Го од сѐ што е важно во животот – нѐ има доведено до ова. Мора да се покаеме и ни треба некој. Дај ни, Боже, некој како цар Давид.

Дај ни некој како мојот патрон светец, Јосија, кој беше последниот голем цар на Израил, кој живеел во страшно време. Неговиот татко и неговиот дедо беа ужасни цареви кои целосно отпаднале, го напуштиле наследството на Израил и го довеле народот да ги копира паганските практики на околните народи. А, прости, ние сме далеку полоши од паганите. Секогаш им велам на луѓето: „Не ја нарекувајте оваа секуларна бесмислица што се случува во Америка ’паганска’“. Тоа е навреда за паганите. Паганите верувале во божествен ред. Тие верувале во богови. Добро, ние не веруваме во богови, туку во Еден Бог. Но, паганите барем знаеле дека се одговорни пред божествениот ред. Знаеле дека мораат да живеат во однос со волјата на боговите. А во Америка, повеќето лидери воопшто не се повикуваат на Бога. Дејствуваат како да не се одговорни пред Неговиот закон. И мислам дека тоа е далеку полошо од паганство.

Ние мора да се покаеме и да ја обновиме верата. Ако го сториме тоа, времиња на освежување ќе дојдат од Бога. Можеме да бидеме променети. Може да настапи нов ден. Но тоа нема да биде со мало „закрпување“.

Православието – осмислување на животот и оживување на општеството

Никогаш не сум видел, а свештеник сум скоро 33 години, таков радикален интерес за верата како сега. Ако ја земам мојата парохија како мал пример: имам, да речам, нешто над илјада активни парохијани. Преку годините од моето служење, сум подготвувал 20, 30, 40 луѓе за крштевање, а навистина голема година би била 40. Сега имам над 200 луѓе во катехизација. И тоа се случува низ целата земја. Луѓето се движат кон Бога, кон верата. Ако тоа продолжи и се преточи во животи што се втемелени во верата, каде што има вистинско покајание, каде што овој лов по биолошки живот – како да е тоа единствената вредност – е отфрлен, тогаш ќе има надеж.

Ако ги проучиш Писмата, има три вида живот. Прво, биолошкиот живот. На грчки се вика „биос“ – од таму „биологија“. Потоа е животот на душата. Многу Американци ни не знаат дека тоа постои. Тоа е највозвишениот дел од тебе. Дури и грчките пагани знаеле дека телото е како кочија, а душата е како кочијаш што ја води личноста кон благородност. Ако мислиш дека си само тело, без душа – тоа е гледиштето на многу технолошки титани во нашата земја. Затоа некој толку благороден како Илон Маск ќе застане и ќе им каже на демонстрантите во Англија: „Што ни е иднината? Технологија и вештачка интелигенција“. Но технологијата нема да нѐ спаси. Ако сме бездушни, тогаш бездушните ќе ја користат технологијата за да нѐ угнетуваат.

Мора да го потврдиме она што секој разумен човек во цивилизирани земји го знае: дека човекот е повеќе од неговото тело. Тој има душа. И, што е најважно, има вечен живот. Тоа е животот на Божјото Царство. Тоа се трите основни животи. Два од нив престанавме да ги спомнуваме со децении, и последиците се трагични.

Луѓето стануваат православни затоа што сакаат нешто што е проверено со времето. Нешто што е суштинско. Нешто што навистина ја обликува културата. Православното христијанство, традиционалното христијанство воопшто, е начин на живот. Тоа влијае на сѐ, затоа што Христос е Цар, и Тој е Цар над секој аспект од нашиот живот и цивилизацијата. Тоа е општо познато. Европа – ако патуваш со воз низ Европа, секое градче низ кое ќе минеш ќе има црква на најубавата земја, а таа ќе биде највисоката зграда. Бидејќи сите знаеле: ако не го поставиш богослужението во центарот на заедницата, ако не ја соединиш небесната врска со земниот живот, самиот себеси се лишуваш од значење.

Најдоброто што може да ѝ се случи на Америка е луѓето да одат во црква, да се вкоренат во Едната Света, Соборна и Апостолска Црква. Зашто реката на животот извира од олтарот, излегува надвор од вратите на црквата и го оживува општеството. А денес повеќе од кога и да е ни е потребно да бидеме оживеани.

Извор: https://www.youtube.com/watch?v=V5iCxIu7Syw