Размена на артефакти помеѓу Грчката и Бугарската држава

Задоволство, но и резервираност ги одбележуваат првичните реакции на Црквата на Грција за потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу министрите за култура на Грција и Бугарија, за заемно „депонирање“ на предмети со историска вредност за двете земји.

Во договорот е вклучено враќањето на 48 црковни артефакти што потекнуваат од манастирот „Панагија Икосифиниса“, манастирот „Чесен Претеча“ во Серес и митрополијата на Серес и Нигрита. Тие биле пренесени во Софија во 1917 година, за време на Првата светска војна, а потоа биле изложени или чувани во Националниот историски музеј на Бугарија.

Од своја страна, Грција на Бугарија ќе ѝ ги предаде моштите пронајдени во базиликата „Свети Ахилиј“ во 1965 година од страна на професорот Николаос Муцопулос, кои биле идентификувани како мошти на царот Самуил (997–1014).

Од страна на грчката држава овој чекор е оценет како историски, иако сè уште не е објавено кои точно ќе бидат 48-те артефакти. Официјалното потпишување на соодветните протоколи се очекува да се одржи во Музејот на византиската култура во сабота, 3 октомври, во присуство на премиерите на двете земји, Кирјакос Мицотакис и Румен Радев.

Наоѓањето на моштите на цар Самуил

Претпоставуваниот гроб на цар Самуил е откриен во 1965 година од грчкиот археолог и архитект проф. Николаос Муцопулос, при ископувањата на базиликата „Свети Ахилиј“ на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро. Во јужниот кораб на големата трикорабна базилика биле откриени четири гробови на високопоставени личности, кои Муцопулос ги поврзал со династијата на Комитопулите. Еден од скелетите тој го идентификувал како останки на царот Самуил.

Меѓу предметите пронајдени во гробовите се наоѓа и извонреден фрагмент од свилена ткаенина извезена со злато, со претстави на орли, кој се чува во Музејот на византиската култура во Солун.

Самата идентификација не била објавена веднаш по археолошките ископувања. Муцопулос првично ги објавил резултатите без конечно да го идентификува погребаниот, а своите аргументи за идентификацијата со Самуил ги изложил подробно дури во 1984 година, во написот „Le tombeau du tsar Samuil dans la basilique de Saint Achille à Prespa“ („Гробот на цар Самуил во базиликата Свети Ахилиј во Преспа“).

Цар Самуил починал во 1014 година, а Преспа била еден од главните центри на неговата држава. Токму тој ја изградил базиликата за во неа да ги положи моштите на свети Ахилиј, пренесени по освојувањето на Лариса.

Синод на Црквата на Грција: Ова нека биде добар почеток

Користејќи поинаква терминологија од Министерството за култура, Светиот синод на Црквата на Грција со особено задоволство го поздравува договорот, оценувајќи го како успех за татковината, кој, меѓу другото, ја одразува постојаната заедничка определба и континуираната соработка меѓу државата и Црквата за остварување национални цели со особено значење. Во своето соопштение, кога станува збор за светите реликвии, Светиот Синод не зборува за нивно „пренесување“, како што тоа го прави Министерството за култура, туку за нивна „кражба“ од страна на Бугарите.

За Црквата на Грција ова прашање – кое отсекогаш зазема високо место во разговорите, бидејќи покрај тоа што е крупно црковно прашање, претставува и национално прашање – не завршува со потпишувањето на овој Меморандум.

Светиот синод во своето соопштение изразува надеж „дека ова ќе биде само добар почеток и дека ќе биде проследено со дополнителни договори за враќање на останатите црковни артефакти, кои биле украдени од светите храмови, светите манастири и други места во нашата Источна Македонија и нашата Тракија“.

Светиот синод го изразува своето задоволство и упатува топли честитки до митрополитите на Серес и Нигрита, г. Теолог и на Драма, г. Доротеј, за нивните неуморни и упорни напори за враќање на националното верско и културно богатство.

Задоволство и резервираност

Со официјални соопштенија на ова значајно прашање се огласија и локалните Цркви во Серес и Драма.

Митрополијата на Серес и Нигрита во своето соопштение изразува задоволство поради враќањето на дел од реликвиите на Црквата во Серес, а истовремено упатува искрена благодарност до Владата за нејзиниот решавачки придонес.

Како и Светиот Синод, така и митрополија на Серес и Нигрита се надева и усрдно се моли овој прв, но толку значаен чекор, да биде почеток на враќањето и на останатите свети реликвии на местото каде што со векови биле изработувани, чувани и почитувани. „Од денес уште посилно започнува заедничката борба!“, се наведува во соопштението. Локалната Црква веќе се подготвува на соодветен начин, заедно со претставниците на локалната власт и целиот народ на Серес, да ги пречека своите свети реликвии, кои по 109 години, по Божја промисла, ќе се вратат во својот природен простор.

Поинаков е ставот на митрополитот Драма г. Доротеј, кој испратил писмо до министерката за култура Лина Мендони, во кое известува дека од медиумите дознал за потпишувањето на Меморандумот – иако е непосредно заинтересиран за ова прашање. Митрополитот во писмото изразува резерви во однос на користа што Грција ја добива од договорот, имајќи предвид дека само украдените свети реликвии од манастирот Икосифиниса се 800, а ракописите се 430.

„Ми беше кажано дека враќањето на 48-те реликвии од наведениот договор е прва фаза од постапката за враќање на ограбените реликвии. Сепак, дозволете ми да се посомневам, имајќи го предвид моето искуство со долгогодишната непопустливост на другата страна и нејзината неподготвеност за враќање на реликвиите и ракописите. Сметам дека, со предавањето на коските, во иднина ќе имаме ограничена преговарачка можност во однос на реликвиите што остануваат“, истакнува митрополитот Доротеј.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_ellados/ikanopoiisi-kai-epifylakseis-pos-ermineyoun-iera-synodos-kai-oi-topikes-ekklisies-serron-kai-dramas-tin-epistrofi-ton-48-klapenton-keimilion/