Германската епархија на Руската задгранична Православна Црква на 21 ноември 2025 година објави своја изјава во врска со нападите против оваа Црква во САД. Своја реакција на овие напади имаше и Архиепископот Американски Елпидофор од Цариградската Патријаршија, која ја пренесовме.
Во оваа изјава Епархиската управа на Руската задгранична Црква во Германија се осврнува на извртувањето на фактите за вистинската состојба на Црквата во Украина, за државниот прогон врз канонската и историска Украинска Православна Црква и за „историската грешка со создавањето на ПЦУ“ на Цариградската Патријаршија.
Епархиската управа потсетува дека праксата на клеветење Црквата ја помни и од советските времиња, меѓутоа и тогаш како и сега Црквата „самостојно го следи својот пат, без да се додворува на државни власти“.
Во продолжение оваа изјава ја пренесуваме во целост.
Опасни обвинувања од Вашингтон
На 21 ноември 2025 година претстоителот на Руската задгранична Православна Црква, митрополитот Николај, како дел од една делегација на православни цркви во САД, се сретна со претставници на американската влада. Пријателската размена на мислења за верската слобода и мирот во Украина беше исполнета со отвореност и разбирање. За жал, оваа средба временски се совпадна со објавувањето на една статија која без каква било доказна основа ја доведе во прашање независноста на неколку православни цркви во Америка од политичко влијание од странство.
Како директна реакција на споменатата средба, воедно се јави и еден претставник на Вселенската Патријаршија во Северна Америка, „Архон Гранд Актуарис“ Ентони Џ. Лимберакис, доктор по медицина, кој на социјалните мрежи даде изјава[1], чија содржина се обидува да ја прикрие вистинската ситуација во Украина. Фактите се извртуваат до крајност, а сторителите се претставуваат како жртви. Овој нов обид да се следат лобистичките интереси на Патријаршијата во САД веќе изненадува само поради обемот на откажување од реалноста.
Како „splinter group, an arm of the Moscow Patriarchate“ – „targeting and killing“ е претставена канонската Украинска Православна Црква (УПЦ) под митрополит Онуфриј, која всушност е најбројната во земјата и со илјадагодишна историја е неспорно порелевантна организација од националистичката „Православна Црква на Украина“ (ПЦУ), создадена во 2018 година по иницијатива на тогашниот украински претседател Порошенко. На УПЦ ѝ се одземаат храмови – документирано и пред очите на светската јавност – од страна на милитаристичко-националистички групи со помош на официјални државни структури и со примена на насилство (познати се веќе над 1000 случаи), нејзините верници се гонат, тероризираат и клеветат, нејзиното свештенство се присилува да оди на фронт, а претседателот Зеленски веќе го завери забранувањето на УПЦ.
Високопоставениот господин Лимберакис се повикува на патријархот Вартоломеј, но и тој ја замоли Украина да престане со насилството. Архонот, меѓутоа, сака да ги доведе во заблуда американските поддржувачи на Украина: во реалноста теророт од страна на националистички заслепени идеолози, расколници без важечки ракополагања (значи неканонски), со помош на државата, е насочен против неискусни христијани, со прекршување на меѓународните норми. Состојба што во повеќе наврати даде повод на организацијата на Обединетите Нации да искаже загриженост (последно во соопштението од 01.10.2025).[2] На Лимберакис не му е важно ни тоа што токму во ноември Полската Православна Црква и Православната Црква на Чешките земји и Словачка протестираа против тоа што оваа од Лимберакис пропагирана „канонска црква“ сосема незаконски навлегува во нивните територии, иако томосот на Вселенската Патријаршија ѝ забранува активност во странство.
Прогонителот е претставен како прогонет. Црковно-духовните реалности се беспомошно политизирани. Добро позната клеветничка политика, истите методи што ги знаеме уште од советските времиња, со кои отсекогаш беше клеветена Руската Задгранична Црква, која од 1920 година па наваму насекаде во светот, особено во Европа и САД, самостојно го следи својот пат, без да се додворува на државни власти. Овие провокации не треба никого да измамат. Подобро е да се ориентира човек кон правно поткрепените факти на адвокатот Роберт Амстердам (Њујорк).
Лицемерието само се разобличува. Господин А. Лимберакис на тој начин го дискредитира само Вселенското Патријаршиско Престол.
Ја жалиме сè поочигледната радикализација и зацврстување на ставовите на Вселенската Патријаршија во однос на историската грешка што ја направија со создавањето на ПЦУ. Огромното мнозинство на православните цркви и нивните претставници ширум светот ја осудија фаталната вмешаност на патријарх Вартоломеј во Украина, и покрај политичкиот притисок, и ѝ одбиваат признание на ПЦУ.
Се молиме за крај на војната во Украина и на внатрешно-политичкиот прогон на Украинската Православна Црква.
Извор: https://www.derbote.online/post/gef%C3%A4hrliche-anschuldigungen-aus-washington
