Реакција на Светиот Синод на Руската Православна Црква по повод донесувањето на законот насочен кон забрана на Естонската Православна Црква

На 10 април 2025 година, Светиот Синод на Руската Православна Црква излезе со изјава по повод донесувањето на законот насочен кон забрана на Естонската Православна Христијанска Црква. Во продолжение ја пренесуваме оваа изјава во целост.

На 9 април 2025 година парламентот на Естонија во трето читање го усвои предлог-законот бр. 2-5/25-00033 „За измени на Законот на Естонската Република ‘За црквите и парохиите’“, фактички насочен кон забрана на дејноста на Естонската Православна Христијанска Црква — самоуправна Црква што е дел од Московската Патријаршија.

Новиот закон ги принудува верниците да ја прекинат канонската врска со Патријархот Московски и на сета Рус и со Светиот Синод на Руската Православна Црква. Оваа одлука е спротивна на повеќепати изразената волја на свештенството, монаштвото и мирјаните на Естонската Православна Христијанска Црква, верни на своето свештеноначалство. Со тоа се дискриминирани 250 илјади верни граѓани на Естонија, лишувајќи ги од слободата на вероисповед.

Како оправдување за потребата од донесување на овој закон се наведуваше лажното тврдење дека канонската врска на православните во Естонија со Московската Патријаршија претставува закана за безбедноста на естонската држава, за уставниот и општествениот поредок во земјата. Притоа беше целосно игнориран фактот дека Естонската Православна Христијанска Црква не учествува во политичкиот живот и меѓудржавните односи. Досега не е забележан ниту еден случај нејзините структури или верници да создаваат каква било закана за државната и општествената безбедност.

Сепак, тоа не ги сопре естонските политички сили кои тргнаа во борба против Руското Православие, кое со векови претставува дел од културното наследство на естонскиот народ. Една од главните цели на прогоните стана Пјухтицкиот манастир — светиња на светското Православие и поклоничко место за верници од различни земји.

Дејствијата на властите на Естонија денес ги репродуцираат методите кои се применуваа во борбата против Црквата за време на атеистичкото богоубиство.

Светиот Синод на Руската Православна Црква изјавува целосна поддршка на Високопреосвештениот Митрополит Талински и на цела Естонија Евгениј, архипастирите, свештенството и верните чеда на Естонската Православна Христијанска Црква во услови на зголемување на притисоците врз неа, повикувајќи ги да останат верни на светите канони. Православието во Естонија беше донесено од руски мисионери пред илјада години. Неговата историја е богата со живи примери на храбро опстојување во верата, почнувајќи од свештеномаченикот Исидор Јурјевски и со него постраданите — до маченичкиот подвиг на светителот Платон, епископот Ревелски, и другите новомаченици на естонската земја. Веруваме дека со нивното молитвено застапништво Естонската Православна Христијанска Црква достојно ќе ги издржи искушенијата што ѝ се дадени.

Ја повикуваме меѓународната заедница да ги осуди фактите за насилство врз совеста на православните и незаконското мешање на естонските власти во внатрешните работи на Естонската Православна Христијанска Црква, што очигледно ги игнорира меѓународно прифатените принципи на верска слобода.

Извор: https://patriarchia.ru/article/115184