Реакција од Зворничко-тузланската епархија на заканите против православните Срби во Босна и Херцеговина

Митрополитот Зворничко-тузлански г. Фотиј од Српската Православна Црква објави реакција на заканите упатени против православните Срби во Федерацијата Босна и Херцеговина. Неговото писмо објавено на интернет страницата на Српската Православна Црква на 1 октомври 2025 година во продолжение го пренесуваме во целост.


Членот 9 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи пропишува дека секој има право на слобода на мисла, совест и вероисповед, додека со одредбата од член 2 на Уставот на Босна и Херцеговина е пропишано дека правата и слободите предвидени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и во нејзините протоколи директно се применуваат во Босна и Херцеговина. Овие акти имаат приоритет над сите други закони, додека со одредбите од член 3 на Уставот на Босна и Херцеговина е заштитено правото на слобода на мисла, совест и вера.

Кривичниот закон на Босна и Херцеговина, како и Кривичниот закон на Федерацијата Босна и Херцеговина, пропишуваат како кривично дело предизвикување или поттикнување национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост меѓу конститутивните народи и останатите.

Со длабока загриженост и остра осуда реагираме на вчерашните упатени закани кон православните Срби во Тузла, Федерацијата Босна и Херцеговина, од страна на поединец кој веќе пред неколку месеци изврши чин на осквернување на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Тузла. Оваа личност, која покажа склоност кон насилни акти, повторно упати закани за отстранување на крстот и повици за исламизација на српското свештенство и народ, што дополнително ја вознемири нашата малубројна заедница.

Оваа закана не е изолиран инцидент, туку веќе извесно време претставува дел од континуиран процес на напади врз православната заедница во Федерацијата Босна и Херцеговина. Имено, во последниот период зачестија и нападите врз домовите на свештениците во истиот град, при што неодамна беа скршени прозорци на куќата во која живее нашиот свештеник. Овие напади не се само вандалски, туку претставуваат сериозна закана за безбедноста на свештениците и нивните семејства, како и пошироко загрозување на мирот и сигурноста во нашата заедница.

Овој и сличните инциденти јасно укажуваат на зголемен ризик од радикализација и говор на омраза што се шират во нашето општество. Нападите врз верските симболи, како и врз домовите на свештениците, не се само напади врз поединци, туку и врз основните човекови и верски права. Овие закани и насилни постапки претставуваат сериозно загрозување на мирот и стабилноста и бараат брз и одлучен одговор.

Ги повикуваме надлежните органи веднаш да преземат сè што е потребно и да го процесуираат овој човек и сите други кои учествуваат во поттикнување на насилни појави. Не можеме да дозволиме поединци, од какви и да се причини, да ја загрозуваат безбедноста на другите луѓе, без разлика дали станува збор за верски службеници, храмови или самите верници.

Исто така, ги повикуваме сите други верски заедници јавно да ја изразат својата осуда кон ваквите радикални и екстремистички постапки. Нападите врз верските симболи, говорот на омраза и повиците за насилна радикализација не се проблем само на една верска заедница, туку сериозна опасност за сите нас. Во вакви моменти солидарноста и единството на сите верски заедници во Босна и Херцеговина, без разлика на припадноста, се од клучно значење за зачувување на мирот и стабилноста во нашето општество.

Ги повикуваме сите институции, медиуми и граѓани да го осудат секој вид радикализам, говор на омраза и вандализам, и заедно да се спротивставиме на секој обид за дестабилизација на мирот и меѓусебното почитување. Никакви радикални постапки, кои повикуваат на насилна промена на идентитетот и верата на другите луѓе, не можат да бидат оправдани под никакви околности.

Српската Православна Црква и нејзините верници остануваат цврсто посветени на принципите на мир, љубов и почитување на човековите права на сите поединци и сите народи, но нема да дозволиме ниту еден поединец или идеологија да го загрози нашиот верски и културен идентитет, како и безбедноста на свештениците и верниците.

Нема да се откажеме од борбата за зачувување на мирот, ниту од правото на слободна вероисповед и живот без закани и насилни појави. Затоа повикуваме на итна и одлучна реакција на сите надлежни органи и институции, за да се заштити безбедноста на сите луѓе и да се обнови верата во правдата и еднаквоста во ова општество.

„Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не клонувај, зашто Јас сум твој Бог. Ќе те укрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со десницата на Мојата правда.“ (Псалм 41:10)

Митрополит зворничко-тузлански г. Фотиј

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//14887.mitropolit-fotije-reagovanje-na-pretnje-pravoslavnim-srbima-u-federaciji-bih.html