Редовниот Собор на Јапонската Православна Црква за 2025 година се одржа на 12 и 13 јули (сабота и недела) во Николаевскиот Дом во Токио, под претседателство на надлежниот Архиепископ на Токио и на цела Јапонија, Високопреосвештениот Архиепископ Токиски и Митрополит на цела Јапонија г.г. Серафим.
Во своето воведно слово, Архиепископот Серафим, помеѓу останатото, рече:
„Црквата секогаш се соочува со предизвици и тешкотии. Просечната возраст на свештениците расте, и ако не се подготвиме навреме за иднината, ќе се соочиме со истите проблеми како во 1999 година. Ги повикувам сите парохии сериозно да соработуваат во привлекување на нови богослови.
Преносот на верата треба да се одвива природно во семејството на верниците. Јадрото на мисијата е начинот на кој секој православен христијанин се однесува пред своето семејство, соседите и луѓето надвор од Црквата. Се јавуваат гласови дека инсистирањето на пренос на верата води до семејни кризи. Не треба да постои присила или наметнување на верата. Сакам сите свештенослужители и верници прво да се насочат кон градење здрави православни семејства, со што ќе бидат пример и поттик за останатите.“
На 13 јули, за време на неделната Божествена литургија и празникот на светите Апостоли, Архиепископот Серафим изврши ракополагање во ѓаконски чин.
На Соборот беше објавен планот за изградба на нов Николаевски Дом: постојната зграда ќе почне да се урива напролет 2026 година, а новиот објект се планира да биде завршен до есента 2027. Финансискиот план беше одобрен од Соборот. Меѓу средствата ќе биде и голема заветна донација, исклучиво наменета за изградба на новиот Дом, која беше дадена од страна на верник од Црквата на Воскресението Христово во Токио, кој почина во јули 2024 година.
Во Вакајама, каде што нема црковен храм и литургиите се одржуваат во домови на верници, беше најавено дека во приземјето на посебен објект на имотот на протоѓаконот ќе се отвори параклис. Заедницата ќе функционира како парохија на епархијата во Кјото, со надеж за обнова на црковниот живот таму.
На г. Павел Кожима, верник на Црквата на Воскресението Христово во Токио и долгогодишен директор на финансискиот оддел на Црквата, му беше врачена благодарница и пригоден подарок од страна на Архиепископот Серафим во име на Црковната заедница. Г. Павел ќе продолжи да служи и како ревизор на црковните сметки.













