Република Естонија бара од Естонската православна црква да ги прекине врските со Московската патријаршија

Митрополит Талински и на цела Естонија г.г. Евгениј

Естонскиот парламент на 6 мај годинава, усвои декларација со која се прогласува Московската патријаршија за „институција која ја спонзорира воената агресија на Русија“.

75 од вкупно 101 членови гласаа за усвојување на декларацијата „За прогласување на Московската патријаршија за институција која спонзорира воена агресија на Руската Федерација“, додека осум пратеници беа против. Едно од главните образложенија за оваа одлука се текстовите на Светскиот руски народен собор, чиј претседател е Рускиот патријарх.

Како последица на тоа, од Естонската православна црква, која е автономна црква во состав на Руската православна црква, се бара да ги прекине врските со Московската патријаршија. Во декларацијата се вели:

„Православните здруженија и парохии треба да спроведат сопствена проценка на заканата за јавниот ред и за нивните членови предизвикани од активностите на непријателско влијание и да ги преземат неопходните чекори за да ги прекинат врските со Московската патријаршија. Република Естонија мора да го зачува уставното право на верска слобода, со целосно обѕир на правата и слободите на секој што живее овде.“

Претстоителот на Естонската православна црква, Митрополитот на Талин и на цела Естонија г.г. Евгениј, на почетокот на февруари оваа година беше принуден да ја напушти Естонија, откако естонските власти одбија да му ја продолжат дозволата за престој, со образложение дека „тој претставува безбедносна опасност за Естонија“.

Во негово отсуство, неговиот викар, Епископот Тартурски г. Даниил, на 7 мај оваа година објави соопштение во врска со усвоената декларација на Естонскиот парламент, кое го пренесуваме во целост:

„Ние многу пати нагласивме дека Светскиот руски народен собор е општествено-политичка организација која во себе вклучува голем број државни, општествени и политички организации кои делуваат во Русија. Претседател на Народниот совет е претстоителот на Руската православна црква, но сепак не станува збор за црковна организација која зборува од име на Црквата, уште помалку, пак, во името на Естонската православна црква на Московската патријаршија. Освен Патријархот и неколку епископи на Руската православна црква, во состав на Народниот собор влегуваат уште и ректори и професори на универзитети, претседатели на законодавни собранија на региони и градови, главни уредници на детски списанија итн. Треба ли сега да стане задача на естонскиот парламент да ги прогласи сите овие организации поединечно за оправдувачи на агресија?

Што се однесува до Естонската православна црква на Московската патријаршија и нејзините парохии, и Министерот за внатрешни работи и голем број други политичари признаа дека не се констатирани никакви прекршувања и нема за што да бидат укорени. Ако се обидеме да го окарактеризираме таканаречениот просечен црковен човек, би можеле да кажеме дека тој не бара конфронтација и конфликт со државата во која живее. На секоја служба, ние се молиме за нашата земја, за нашиот народ и нашите одбранбени војски. Нема никакви судски процеси во кои некој од нашите свештеници, црковни работници или активни лаици е прогласен за виновен за кршење на уставниот поредок на Естонија. Сепак, и покрај тоа, преку медиумите, кон членовите на нашата Црква има обраќања со определени претенизии и од нив се бара да се оправдаат. Дали пресумпцијата на невиност повеќе не важи за членовите на нашата Црква? Сегашната изјава на Рускиот народен собор и нејзиното толкување во јавноста создадоа впечаток дека членовите на нашата Црква имаат вина што мора да ја отстранат со јавно откажување, прекинување на врските со своите корени и потеклото. Доколку таквите решенија произлегуваат одвнатре од заедницата, од нејзиното убедување, тогаш би можело да се најде решение, и тоа би било канонски исправно. Но, доколку тоа се прави исклучиво на инсистирање на световните власти кои вршат притисок врз слободата на вероисповед и врз совеста на парохијаните и свештенството, занемарувајќи ги нивните уставни права како и канонските правила на Црквата, тогаш малку е веројатно дека ќе има некаква полза за општеството од таквиот начин на делување.

Даниил

Епископ Тартуски

Викар на Талинската епархија на Естонската православна црква на Московската патријаршија“

Извор: https://ru.orthodox.ee/articles/kommentarij-episkopa-tartuskogo-daniila-k-zayavleniyu-parlamenta-estonii/ , https://news.postimees.ee/8015150/parliament-declares-moscow-patriarchate-an-institution-sponsoring-russian-aggression , https://www.politsei.ee/ru/novosti/estoniya-ne-prodlit-vid-na-zhitelstvo-valeriya-reshetnikova-11729