Фондацијата „Александровско Православно Братство“ (Aleksandri Õigeusu Vennaskond SA) на 6-7 ноември 2024 г., во Учителскиот дом во Талин, одржа меѓународна научно-практична конференција во хибриден формат: „Православната црква во Естонија – самостојност: можности за развој, ризици, последици“.
Конференцијата беше организирана во краток рок поради кризата во односите меѓу Естонската православна црква на Московската патријаршија и државните структури на Република Естонија, кои бараат Естонската православна црква и нејзините парохии да се откажат од канонската врска со Московската патријаршија поради изјавите на патријархот Кирил во однос на војната во Украина. На конференцијата учествуваа говорници од Естонија, Германија, Франција, Велика Британија и Украина.
Цел на конференцијата беше да се разговара за можноста за надминување на поделбата на православните христијани во Естонија и да се даде материјал за размислување на црковните и државните претставници, а со тоа да се помогне во заедничката потрага по разумен компромис, во постигнување заемно разбирање и градење конструктивни односи меѓу државните структури на Естонија, на Естонската православна црква и на Естонската апостолска православна црква формирана од страна на Цариградската патријаршија.
„Конференцијата откри повеќе причини кои во општеството предизвикуваат непријателство кон Естонската православна црква и го попречуваат надминувањето на поделбата во Естонија меѓу православните христијани од Московската и Цариградската патријаршија“, рече во резимето протојереј Игор Прекуп, претседател на организацискиот одбор на конференцијата. Како една од причините што се појавила во последно време, тој го наведе авторитарниот пристап на државните претставници и парламентарците, кој се состои во принудување на Естонската православна црква да ја промени својата канонска припадност под закана од присилна ликвидација, што е неприфатливо вмешување на внатрешниот црковен живот.
Помеѓу другите водачи на христијанските конфесии кои се членови на Советот на црквите на Естонија, на конференцијата беше поканет во својство на гостин и претстоителот на Естонската апостолска православна црква, митрополитот Стефан, за да разговара на состанок на тркалезна маса за актуелната ситуација и да предложи начини за приближување кои би им одговарале и на двете страни.
„Се надевавме дека конференцијата ќе послужи како платформа за дијалог и заемно слушање. За жал, митрополитот Стефан не ја прифати поканата“, – рекоа организаторите на конференцијата.
Учесниците на конференцијата од различни граѓански и партиски определби, етничко потекло и возрасни категории, религиозни и нерелигиозни, христијани од три различни конфесии, православни од Цариградската и од Московската патријаршија, свештенство, монаштво и мирјани – луѓе кои меѓусебно се разликуваат во многу споредни нешта, сите беа едногласни во главното: канонската припадност е внатрешна работа на Црквата. Во демократско општество државата не може да ги принудува верниците да ја менуваат својата религиозна самоидентификација.
Заедничката позиција на учесниците на конференцијата најдобро ја искажа пасторот на естонската Евангелистичко-лутеранска црква, Веико Вихури:
„Бидејќи во Естонија според Уставот не постои државна црква, државната власт нема право да се меша во внатрешните работи на црквите – тоа е дозволиво само во многу ограничена мерка и во случаи строго предвидени со закон. Дури и аргументот за државната безбедност не може да ги игнорира правата и слободите кои се загарантирани со Уставот.
Притоа, невладините организации, вклучително и верските здруженија, имаат право, па дури и обврска да се вмешуваат во работите на државата и општеството, бидејќи демократската правна држава постои за доброто на нејзините граѓани и жители, а религиозните луѓе, членовите на парохиите, исто така се дел од општеството како целина и можат да изразуваат гледишта што не им се допаѓаат на мнозинството и тоа е во согласност со принципите на слободното општество.
Различните цркви го организираат својот живот врз основа на древни канони и други црковни закони, но тие, исто така, можат да ги користат можностите што ги дава демократската правна држава. Државната власт е обврзана да ги почитува верските здруженија кои го почитуваат законот и да не ги спречува нивните дејности од идеолошки или политички мотиви“.
„Треба да научиме да се разбираме едни со други и да се восприемаме како еднакви, за да стане можно повторното обединување на православието во Естонија“, – заклучија организаторите на конференцијата и изразија надеж, дека Советот на црквите на Естонија би можел да помогне во тоа.