Римскиот Папа и Цариградскиот Патријарх: Продолжуваме да чекориме кон обновување на целосно општење

Во просториите на Цариградската Патријаршија во Фанар, на 29 ноември 2025 година, се одржа свеченоста на потпишување на Заедничката изјава на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и Римскиот Папа Лав XIV, веднаш по Доксологијата за пречекот на Папата.

По потпишувањето на Декларацијата следеше претставување на јерарсите од двете страни и на останатите членови на папската придружба, како и тет-а-тет средба на Римскиот Папа со Цариградскиот Патријар.

Во продолжение е превод на целиот текст на Заедничката изјава.

Заедничка изјава

Славете Го Господа, зашто е добар,
зашто е вечна милоста Негова! (Пс. 105, 1)

Во навечерието на празникот на светиот Андреј, првоповиканиот апостол, брат на апостолот Петар и заштитник на Вселенската Патријаршија, ние, Папата Лав XIV и Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, Му вознесуваме од сè срце благодарност на Бога, нашиот милостив Отец, за дарот на оваа братско средба. Следејќи го примерот на нашите блаженоупокоени претходници и послушни на волјата на нашиот Господ Исус Христос, продолжуваме да чекориме со цврста решителност по патот на дијалогот, „во љубов и вистина“ (Ефес. 4, 15), кон очекуваното обновување на полното општење меѓу нашите сестрински Цркви. Свесни за фактот дека единството на христијаните не е само производ на човечки напори, туку дар кој доаѓа одозгора, ги повикуваме сите членови на нашите Цркви — клир, монаси, Богу посветени луѓе и верниот народ — искрено да бараат исполнувањето на молитвата што Исус Христос Му ја упати на Отецот: „Да бидат сите едно, како што Ти, Оче, си во Мене и Јас во Тебе, […] за да поверува светот…“ (Јован 17, 21).

Прославата на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја, која се одржа во навечерието на нашата средба, беше исклучителен миг на благодат. Соборот во Никеја, свикан во 325 година, беше пројава на Божјата Промисла за единството. Целта на ова одбележување, сепак, не е само потсетување на историската важност на Соборот, туку постојан поттик за нас да бидеме постојано отворени кон истиот Свет Дух Кој говореше преку Никеја, додека се соочуваме со бројните предизвици на нашето време. Длабоко сме им благодарни на сите водачи и претставници на другите Цркви и црковни заедници кои беа подготвени да учествуваат на овој настан.

Покрај признавањето на пречките кои го попречуваат обновувањето на полното Општење меѓу сите христијани — пречки кои се стремиме да ги надминеме преку богословски дијалог — мора да признаеме и дека она што нè поврзува е верата изразена во Никејскиот Символ на верата. Тоа е спасителната вера во лицето на Синот Божји, Бог вистински од Бог вистински, едносуштен со Отецот, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение стана човек и се всели меѓу нас, беше распнат, умре и беше погребан, воскресна на третиот ден, се вознесе на небесата и пак ќе дојде да им суди на живите и мртвите. Преку доаѓањето на Синот Божји, ние се воведуваме во тајната на Света Троица — Отец, Син и Свет Дух — и сме повикани да станеме, во Христа и преку Него, чеда на Отецот и сонаследници со Христа, преку благодатта на Светиот Дух. Со ова заедничко Исповедање сме способни да се соочиме со нашите заеднички предизвици, носејќи го сведоштвото на верата изразено во Никеја со взаемна почит и работeјќи заедно кон конкретни решенија со искрена надеж.

Убедени сме дека прославата на оваа значајна годишнина може да поттикне нови и храбри чекори по патот кон единството. Меѓу одлуките на Првиот Собор во Никеја беа дадени и критериумите за определување на датумот на Пасха, заеднички за сите христијани. Благодарни сме на Божјата промисла што годинава целиот христијански свет го празнуваше Велигден на ист ден. Заедничка ни е желбата да продолжи процесот на наоѓање можно решение за заедничко празнување на Празникот над празниците секоја година. Се надеваме и се молиме сите христијани, „со секаква мудрост и духовно разбирање“ (Кол. 1, 9), да се посветат на процесот на постигнување заеднички празник на славното Воскресение на нашиот Господ Исус Христос.

Годинава ја одбележуваме и 60-годишнината од историската Заедничка декларација на нашите блаженоупокоени претходници, Папата Павле VI и Вселенскиот Патријарх Атинагора, со која беше укината размената на анатеми од 1054 година. Му благодариме на Бога што тој пророчки чин ги поттикна нашите Цркви да го продолжат дијалогот „во дух на доверба, почит и меѓусебно милосрдие, кој, со Божја помош, ќе доведе до повторно сожителство, на корист на поголемото добро на душите и со доаѓањето на Царството Божјо, во полното општење на вера, братска согласност и таинствен живот, што постоеше во првиот милениум на животот на Црквата“ (Заедничка декларација, 7 декември 1965). Истовремено ги поттикнуваме оние кои сè уште се двоумат пред која било форма на дијалог, внимателно да слушнат што „Духот им зборува на Црквите“ (сп. Откр. 2, 29), Кој во сегашните историски околности нè поттикнува да му понудиме на светот обновено сведоштво за мир, помирување и единство.

Убедени во важноста на дијалогот, ја изразуваме нашата постојана поддршка на работата на Мешовитата меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Римокатоличката Црква и Православната Црква, која во оваа фаза разгледува прашања што историски се сметале за разделувачки.

Покрај незаменливата улога на богословскиот дијалог во процесот на повторно приближување, ги истакнуваме и другите неопходни елементи на овој процес, како што се братските контакти, молитвеното и заедничко дело во сите оние области каде што соработката е веќе возможна. Со нагласен повик ги поттикнуваме сите верници на нашите Цркви, особено клирот и богословите, радосно да ги прифатат плодовите што досега ги постигнавме и да работат за нивно постојано зголемување.

Целта на единството на христијаните подразбира суштински и животворен придонес кон мирот меѓу сите народи. Заедно ја издигнуваме нашата усрдна молитва, повикувајќи го дарот на мирот од Бога за светот. Тажно е што во многу региони од нашиот свет конфликтите и насилството продолжуваат да уништуваат толку многу животи. Упатуваме апел до оние што носат граѓанска и политичка одговорност да направат сè што е можно за веднаш да престане трагедијата на војните, и бараме од сите луѓе со добра волја да ја поддржат нашата молба.

Посебно ја отфрламе секоја употреба на религијата и името Божјо за оправдување на насилство. Веруваме дека автентичниот меѓурелигиски дијалог, далеку од тоа да биде причина за синкретизам или забуна, е од суштинско значење за соживот на народи со различни традиции и култури. Имајќи ја предвид 60-годишнината од Декларацијата Nostra Aetate, ги поттикнуваме сите мажи и жени со добра волја да работат заедно за изградба на поправеден и поподдржувачки свет и да се грижат за созданието што Бог ни го довери. Само на овој начин човечкото семејство може да ја надмине рамнодушноста, желбата за доминација, алчноста за профит и ксенофобијата.

Додека сме длабоко вознемирени од актуелната меѓународна состојба, ние не ја губиме надежта. Бог нема да го напушти човештвото. Отецот го испрати Својот Единороден Син за да нè спаси, а Синот Божји, нашиот Господ Исус Христос, ни Го дарува Светиот Дух, за да нè направи заедничари во Неговото божествено живеење, зачувувајќи ја и штитејќи ја светоста на човечката личност. Преку Светиот Дух знаеме и искусуваме дека Бог е со нас. Поради тоа, во нашата молитва Му го доверуваме на Бога секое човечко суштество, особено оние во потреба, оние што искусуваат глад, осаменост или болест. Го повикуваме врз секој член на човечкото семејство секој благодатен дар и благослов, за „нивните срца да бидат утешени, соединети во љубов, за да го имаат сиот богатство на сигурното разбирање и познанието на Божјата тајна“, која е нашиот Господ Исус Христос (Кол 2, 2).

Од Фанар, 29 ноември 2025

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko_patriarxio/papas-leon-id-oikoumenikos-patriarxis-koini-ekklisi-gia-eirini-pros-tous-isxyrous-tis-gis/