На 26 мај оваа година, Романците во Шангај учествуваа на првата Божествена Литургија отслужена на нивниот мајчин јазик на кинеска почва, одржана во Генералниот конзулат на Романија во Шангај.
Со богослужбата чиноначалствуваше о. Константин Прихоанца, свештеник на Романската Митрополија за Германија, Централна и Северна Европа, кој беше во мисионерска посета на Народна Република Кина од 18 до 31 мај.
„Младите православни христијани во Шангај имаа можност активно да учествуваат на неколку катихетски средби и да добијат одговори на прашањата со кои се соочува сегашната генерација православни христијани додека се толку далеку од своите домови“, рече о. Константин Прихоанца.
„Многу Романци во овој дел од светот имаа можност да се исповедаат и да се причестат, да направат помен за починатите, а исто така да ја слушнат Божествената Литургија на романски јазик за прв пат во овој дел од светот“, додаде свештеникот.
На катихетските средби се разговараше за неопходноста од формирање на Романска православна парохија за околу 300 Романци и Молдавци кои живеат во областа. Најблиската романска парохија е оддалечена 1.750 километри, во Токио, Јапонија.
За време на посетата, о. Константин Прихоанца на заедницата ѝ подари Свето Евангелие, комплет литургиски садови, икони и кадилница – да се користат за литургиски потреби, а романскиот конзул во Шангај, Овидиу Симина нарача четири икони.