Во саботата во родното место на Света Олимпијада од Фаркаша, во округот Њамц, се одржа локалното прогласување на нејзината канонизација.
Светата Литургија ја отслужи Митрополитот Теофан на Молдавија и Буковина, во сослужение со епископот Игнатиј на Хуши, викарните епископи Никифор Ботошански на Архиепископијата на Јаши, Нектариј Богдански на Архиепископијата на Кишињев, Дамаскин Дорнеански на Архиепископијата на Сучава и Радауци и Теофил Тротушански на Архиепископијата на Роман и Бакау.
На богослужбата присуствуваше и делегација монаси од романскиот скит Продрому на Света Гора, каде што подвизувал светиот преподобен Петрониј Танасе, син на Света Олимпијада од Фаркаша.
Синодски томос
На крајот од Светата Литургија се одржа свечениот чин на прогласувањето, кога Преосвештениот Дамаскин Дорнеански го прочита Синодскиот томос за прогласување на канонизацијата.
Во актот се наведува:
„Отсега и засекогаш, света Олимпијада од Фаркаша да биде приброена меѓу светителите на Црквата и да се споменува со пофални песнопенија на денот на нејзиниот празник – 4 јули секоја година, при што нејзиното име ќе биде внесено во Синаксарот, во богослужбените книги, како и во календарот на Романската Православна Црква.“
„За да се умножува побожноста на православните христијани преку почитувањето и молитвеното повикување на света Олимпијада од Фаркаша, определуваме таа да биде и заштитничка на новоизградени или обновени храмови.“
Самопожртвувана мајка
По повод овој свечен настан, Неговата Светост, Патријархот Даниел, испрати порака во која ги истакна најзначајните одлики на света Олимпијада од Фаркаша. Пораката ја прочита патријаршискиот советник Михаи Разван Клипичи.
„Во неа го препознаваме ликот на самопожртвуваната христијанска мајка кон своите деца, примерот на жива вера што дејствува преку милосрдната љубов кон оние што страдаат и образецот на подготовка за часот на смртта со надеж во Воскресението.“
Патријархот нагласи дека првата голема доблест на света Олимпијада од Фаркаша е нејзината самопожртвувана мајчинска љубов кон децата што Бог ѝ ги доверил.
„Со својот живот таа ги научи своите деца, пред сè, што значи да се биде вистински христијанин и да се живее живот угоден на Бога. Света Олимпијада преку светата Тајна Брак доби од Бога осум деца, кои ги воспитуваше со дарежлива љубов и духовна строгост, од кои израснаа личности цврсти во верата и постојани во христијанскиот живот.“
„Канонизацијата на Света Олимпијада од Фаркаша, заедно со останатите 15 романски свети жени, ја покажува благословената Божја дејност меѓу романскиот народ, од кој произлегоа овие свети жени – духовни мајки на романскиот народ, кои преку својот свет живот станаа пример за христијанско живеење, водејќи ги верните кон Спасителот Христос“, истакна уште Патријархот на Романија.
Плодовите на Светиот Дух
Потоа Митрополитот Теофан на Молдавија и Буковина им заблагодари на сите што присуствуваа на свеченоста.
„Можеме да посведочиме, потпирајќи се на зборовите на Светиот апостол Павле од Посланието до Галатјаните, прочитано денес на Божествената Литургија, дека во неа ги откриваме плодовите на Светиот Дух, кои Светиот апостол Павле ги наведува како љубов, радост, мир, долготрпение, добрина, милосрдие, вера, воздржание, кротост и чистота.“
„Му благодариме на Бога за таквиот дар, за нова молитвеничка на небесата, за оваа парохија, за овој крај на земјата и за сиот народ што го носи Христовото име“ – додаде митрополитот.
Од своја страна, парохискиот свештеник Каталин Кошула истакна дека светоста на човекот зависи од неговата ревност кон Бога.
„Од животот на Света Олимпијада разбираме дека светоста не зависи од одредено место, ниту од високо интелектуално образование, ниту од особена општествена положба, туку единствено од ревноста на човекот. Таа Му се приближуваше на Бога, правејќи од своето срце живеалиште на Света Троица. Нашата радост што имаме молитвеници на небесата треба да се претвори во смирен живот и постојана молитва, во служење на ближниот, дарежливост, трпение и непоколеблива надеж.“
Света Олимпијада од Фаркаша
Света Олимпијада е родена во Фаркаша, во округот Њамц, на 8 септември 1880 година. Живеела 87 години и се упокоила на 4 јули 1967 година. Била во брак и имала осум деца – шест ќерки и два сина, од кои едниот бил Светиот преподобен Петрониј од Продрому.
Иако водела тежок живот исполнет со материјални лишувања, своите деца ги воспитала во страв Божји и во светлината на учењето на Светите Отци, кое го усвоила преку постојаното присуство во храмот. Целиот свој живот го поминала во длабока духовност и искрено христијанско живеење, помагајќи не само нејзиното семејство духовно да напредува, туку ширејќи околу себе добрина, милосрдие и молитва.
Света Олимпијада од Фаркаша беше канонизирана минатата година од Светиот синод на Романската Православна Црква, заедно со уште 15 романски свети жени.
Општото прогласување на канонизацијата на сите 16 свети жени се одржа на 6 февруари во Патријаршиската катедрала.






