Романската Црква донира 50.000 евра за ранливите заедници во Газа

Романската патријаршија и Министерството за надворешни работи на Романија соопштија дека обезбедуваат финансиска помош во износ од 50.000 евра, наменета како за христијанската заедница во Појасот Газа, така и за други лица и заедници кои се наоѓаат во тешка хуманитарна состојба. Овој проект за хуманитарна помош ја надополнува систематската активност на Романија во поддршка на цивилното население во Појасот Газа.

Проектот, официјално насловен „Христијанска помош за Газа“, ќе се реализира во периодот од јуни до декември 2026 година во градот Газа и во околните области.

Средствата, обезбедени од Романската патријаршија во духот на христијанската солидарност и општествената одговорност, ќе бидат искористени за обезбедување храна, лекови и други неопходни производи за семејствата во регионот кои имаат потреба од помош, со особено внимание кон децата.

Оваа хуманитарна акција се спроведува со директна координација и логистичка поддршка од Амбасадата на Романија во Тел Авив, која го олеснила дијалогот и партнерството со американска хуманитарна организација „Самарјански паричник“ што располага со локална инфраструктура, со цел финансиската помош брзо да се претвори во непосредна поддршка и безбедно да биде распределена до ранливото цивилно население.

Проектот за хуманитарна помош ќе обезбеди директна поддршка за околу 600 корисници и е структуриран врз четири главни столба на интервенција:

  • Помош со храна, преку финансирање на подготовката и распределбата на приближно 2.400 топли оброци;
  • Образовна поддршка, преку набавка на 200 ранци целосно опремени со училишен прибор за деца;
  • Медицинска помош, преку обезбедување неопходни лекови за лекување на хронични заболувања и хигиенски пакети за 200 ранливи лица;
  • Пристап до вода за пиење, преку набавка и дистрибуција на 10 големи резервоари за вода.

Спроведувањето на проектот ќе се одвива со строго почитување на меѓународните хуманитарни принципи на непристрасност, недискриминација, заштита и безбедност на корисниците.

Преку оваа иницијатива повторно се потврдува постојаната определба за придонес кон глобалните напори за хуманитарна помош и заштита на заедниците кои се соочуваат со сериозни ризици, одржувајќи отворен и конструктивен дијалог со сите меѓународни чинители вклучени во стабилизацијата на регионот – известуваат прес службите на Романската Патријаршија и на Министерството за надворешни работи на Романија.

Извор: https://basilica.ro/sprijin-umanitar-pentru-comunitatea-vulnerabila-din-gaza-patriarhia-romana-mae/