Романската Православна Црква, преку своите епархии, оддели повеќе од 73 милиони евра на својата разновидна социјално-филантропска мисија, во изминатата 2024 година.
Овие податоци беа претставени на Националниот црковен совет во Букурешт во средата, на 5 февруари годинава. Вкупната пријавена сума не ги вклучува трошоците за разни добротворни активности организирани од парохиите и манастирите „за доброто на болните, старите, децата и сиромашните“, се наведува во извештајот на Црквата.
Според извештајот, Црквата ја реализирала својата филантропска активност преку 867 социјални институции и услуги, со 1.270 социјални проекти и програми кои опфатиле повеќе од 363.000 луѓе.
Вкупната сума вклучува и финансиска и материјална помош, вклучително и помош за жртви на природни катастрофи.
Социјалните служби во 2024 година вклучуваа:
- Центри за социјална помош
- Народни кујни и програми за испорака на храна
- Дневни и резиденцијални центри за деца, стари лица и лица со попреченост
- Домашна нега
- Медицински и рехабилитациски услуги во институции и домови
- Образовни услуги (воншколска, дополнителна настава, спречување на напуштање на училиштата итн.)
- Информативни, советодавни и поддржувачки центри
- Засолништа
- Итни центри за бездомници, жртви на насилство и трговија со луѓе
- Кампови и други активности
Приматели на помошта беа:
- 101.142 деца од социјални установи на Црквата, но и од сиромашни семејства без средства за живот или со родители кои работат во странство
- 27.152 лица со попреченост, вклучително со оштетен говор, вид и слух, како и зависници од дрога и други супстанции
- 108.041 стари лица од установи за социјална заштита, транзитни центри и ноќни засолништа, како и осамени, неподвижни и напуштени лица со сериозни здравствени проблеми
- 124.862 лица во тешка положба, вклучувајќи невработени, жртви на трговија со луѓе, семејно насилство, ослободени затвореници и жртви на природни катастрофи
- 1.806 бездомници
За споредба, Романската црква во 2023 година потрошила над 60 милиони евра за филантропски и социјални услуги.
Извор: https://basilica.ro/sinteza-activitatilor-bisericii-ortodoxe-romane-in-anul-2024-text-integral/ преку: https://orthochristian.com/167101.html