Романската Црква изразува загриженост заради парадата на гордоста во Букурешт

Романската патријаршија ја изразува својата пастирска загриженост во врска со организирањето во Букурешт на парада посветена на промовирањето на разновидноста на сексуалните ориентации, во општествен и духовен контекст на кој му се потребни рамнотежа, расудување и одговорност – се вели во соопштението на Романската Патријаршија објавно на 12 јуни 2026 година. Понатаму во соопштението читаме:

Во својата мисија за зачувување и пренесување на христијанското учење, Романската Православна Црква сведочи дека семејството засновано врз бракот меѓу маж и жена, со цел да се родат и воспитуваат деца, претставува дар и благослов Божји, бидејќи е темел на заедничкиот живот и на воспитувањето на младите поколенија. Во таа смисла, секоја јавна манифестација што промовира модели различни од ова учење може да биде доживеана со загриженост и неприфаќање.

Со уверување дека општествениот мир и меѓусебното почитување се од суштинско значење за општото добро на општеството, Романската патријаршија потсетува дека јавните манифестации од типот на „Bucharest Pride“ можат да доведат до дополнително продлабочување на забуната околу духовните вредности во едно општество што веќе се соочува со демографски пад и општествена нестабилност.

Воедно, од конкретна пастирска грижа, Романската патријаршија нагласува дека одговорот на православните христијани треба да биде просветлен со мир, молитва и почитување на достоинството на секоја личност. Не поддржуваме и не охрабруваме каква било форма на навредлив говор, омаловажување или насилство, бидејќи тие се спротивни на Евангелието на Христовата љубов.

Пред современите предизвици, ги повикуваме свештенослужителите и верните мирјани да ја засилат молитвата и да ги негуваат вредностите на христијанската вера во семејството, во парохијата и во општеството.

Прес-служба на Романската патријаршија

Извор: https://basilica.ro/indemn-discernamant-aparare-valorilor-crestine-contextul-paradei-bucharest-pride/